Кога Фреди Меркјури посакал да запее со Монсерат Кабаље, не ни можел да замисли дека нивната соработка ќе создаде песна по која ќе се памети една цела олимпијада. На 16 ноември, оваа песна ќе биде дел од „Flowers Symphony 2“ во Македонската филхармонија, каде што Наде Талевска и Бојан Стојков ќе го изведат славниот дует во придружба на Оркестар DIVA од Битола под диригентска палка на Владимир Димовски.
Зад песната стои долгогодишното восхитување на Меркјури кон оперската пејачка Кабаље. Иако публиката го познавала по настапите со Queen и по неговата сценска енергија, операта имала посебно место во неговиот музички свет. Во телевизиско интервју во 1986 година зборувал за гласот на шпанската сопранистка и за желбата да ја запознае. Неговите зборови стигнале до неа, а во март 1987 година двајцата конечно се сретнале во Барселона.
Она што Меркјури првично го замислувал како соработка за една песна добило многу поголеми размери кога Кабаље предложила да снимат цел албум. За него тоа било остварување на една лична музичка желба, но и нов предизвик: да создава и да пее покрај една оперска пејачка на која токму тој и се восхитувал. Нивната соработка се развила со взаемна почит и блискост, кои ние и ден денес ги чувствуваме кога ги гледаме нивните заеднички изведби.
„Барселона“ ја снимиле во април 1987 година, а веќе во мај ја претставиле заедно пред публика на Ибица. Одѕивот ги охрабрил да продолжат со албумот, кој бил објавен во 1988 година. Неколку години подоцна, песната станала тесно поврзана со Олимписките игри во Барселона во 1992 година и станала еден од музичките симболи на градот.
И денес, привлечноста на овој дует е во начинот на кој се надополнуваат два различни гласа. Во него има и театралност, и нежност, и силни заеднички делови, доволно простор изведувачите да внесат нешто свое, дури и во песна што публиката толку добро ја познава.
На „Flowers Symphony 2“, таа задача ќе ја преземат Наде Талевска и Бојан Стојков. Нивната изведба, со симфониската придружба на Оркестар DIVA, ќе ѝ даде можност на скопската публика да го слушне овој дует во живо и да го доживее одблиску. Овој извонреден дует ќе биде за првпат изведен од Оркестар DIVA и тоа пред скопската публика.
„Барселна“ ќе биде дел од вечерта посветена на познати италијански класици, филмски теми и композиции, меѓу кои и музиката на Енио Мориконе и Ханс Цимер, со оркестар, хор и солисти на една сцена.
„Flowers Symphony 2“ ќе се одржи на 16 ноември 2026 година, со почеток во 20:00 часот, во Македонската филхармонија. Картите се во продажба на e-ticket.mk/events/diva и во Fruttissimo Juice Bar, Скопје.











