
Секогаш забите од горната вилица треба да ги преклопуваат долните заби. Оваа состојба на правилен преклоп и меѓусебен однос не секогаш е присутна. Напротив, состојбата на обратен преклоп на предните заби е видлива и лесно воочлива аномалија која е доста непријатна за пациентот. Изгледот на лицето, особено профилот се неприфатливи.
Ваквиот преклоп може да биде присутен уште кај млечните заби или во трајната дентиција.
Постојат повеќе причини-дијагнози за оваа состојба: принуден проген загриз, лажна мандибуларна прогенија и прогенија вера- вистинска мандибуларна прогенија.
Во првиот случај најчесто во обратен преклоп се предните долни заби а може и песјакот-кучешкиот заб, предвремен контакт или принудно движење на долната вилица кон напред. Долната вилица е поставена понапред.
Во вториот случај имаме недоволно развиена горна вилица во два правци при што долната вилица најчесто е во граници на нормалата. Најчесто оваа аномалија е наследна, присутна е кај деца родени со расцеп и кај некои синдроми.
Вистинската прогенија претставува преразвиена долна вилица во два правци. Присутен е обратен преклоп на предните заби кои најчесто се наведнати-инклинирани кон јазикот, може да има празни простори меѓу забите во долната вилица па дури и тие да се наведнати кон истиот.
Исто така може да има и отворен загриз и обостран вкрстен загриз, поголем јазик и пореметувања во говорот.
Терапијата за обратниот преклоп зависи од возраста на пациентот, дијагнозата и времето кога ќе се појави во ортодонтската ординација. Таа може да биде во зависност од дијагнозата: миофункционална-соодветни вежби, трејнери, мобилни протези, фиксни ортодонтски апарати и комбинација од ортодонтско-хируршка терапија.






