Press "Enter" to skip to content

Само за две минути по бод си поделија Пелистер и Победа во Турново

Победа – Пелистер 1:1 (1:1)

Иако двете екипи ја посакуваа победата и трите бода, екипите на Победа и Пелистер од пелагониското дерби, од Турново, се враќаат само со по еден бод, откако во првиот настап од пролетниот дел на Првата фудбалска лига играа реми 1:1, полувреме 1:1.

Во 19 коло од ПФЛМ натпреварот поради реконструкцијата на теренот на градскиот стадион “Гоце Делчев“ во Прилеп и лошата состојба на стадионот “Могила,“ Победа беше домаќин во Турново. Победа со 11 засилувања, а исто со отприлика толку и Пелистер, одиграа првенствен натпревар кој гледачите покрај двата гола видоа и многу шанси за гол.

Капитенот Гоце Тодоровски најави гол за Пелистер кога неговиот обид од слободен удар заврши во рацете на Тофиловски, за тој да “падне“во 9. минута кога повратникот во таборот на битолчани, Борче Маневски, биеше прецизно со глава и донесе водство за Пелистер од 0:1. 

Сепак, радоста на „зелено-белите“ кратко траеше, бидејќи Победа по само две минути изедначи по одлична акција по десна страна когаИвановиќ асистираше, а од непосредна близина Даноски ја затресе противничката мрежа.

До крајот на првиот дел фудбалерите прилепчани имаа шанси, но не успеаја посериозно да го загрозат голот на Петровски, па на пауза се замина со 1:1. 

Прилепчани продолжија и во вториот дел како во завршницата на првиот дел, а Пелистер се повлече на својата половина чекаше шанса преку контра напад да го постигне својот втор гол. 

Во 62. минута по една одбиена топка Карчески упати вистинска бомба по голот на Пелистер, но пречката беше сојузник на гостинскиот голман, Петровски, а резултатот остана 1:1.

Тренерот на Пелистер, Марјан Секуловски за само неколку минути направи три измени со цел да го освежи тимот, но ниту нововлезените Драгарски, Марковски и Ристевски не успеаја да направат нешто повеќе, па така двете екипи се враќаат во Пелагонија со по еден бод.

Пелистер по 19 одиграни кола останува на 9-тото претпоследно коло, со само 17 бода, а последна е екипата на Скопје со 10 бода.

В недела во Битола гостува екипата на Работнички.