Досегашниот систем за парно греење во основното училиште “Св. Кирил и Методиј“ од Битола, на дрва ќе биде заменет со нов систем на греење со инвертер пумпи, клими, кои веќе се поставени во училниците и другите простории, а тоа е првото училиште во Битола кое ќе се грее со ваков модерен еколошки систем.
Денес во обиколка на уличиштето, кое има 456 ученици, беше заменик на министерот за животна средина, Јани Макрадули и градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, како и претседателот на Советот, Валентин Груевски и дел од советниците.
Директорот на улилиштето, Душко Костовски, како домаќин, им го претстави новиот, но и стариот систем за греење, кој трошеше 130 кубни метри дрва и беше мапиран како загадувач на околината.
Новиот еколошки систем за греење со клима инвертери е инвестицијата е вредна пет милиони денари, а парите се обезбедени преку Министерството за животна средина, по претходно подготвен проект од страна на Општина Битола.
Заменик на министерот за животна средина, Јани Макрадули, по обиколката на работите во училиштето рече:
-Почетокот на вториот дел од учебната година за учениците во “ОУ “Кирил и Методиј“ учениците го започнаа со еколошка инвестиција за чист воздух со кој се промени начинот на греење. Наместо огромната количина на дрва, 130 кубни метри, која зафаќала пола школски двор, плус пепелта која е штетна и чадот кој го дишеле учениците и професорите, од денес ќе имаат еколошки инвертори кои нема да загадуваат. Ова е добро и за децата и за околината, зашто емисиите од чадот се ширеа и кон соседните згради и објекти, кој појасни колки ПМ честитки емитувале дрвата со кои се греел системот.
Според Европската агенција за животна средина еден кубик дрва емитува 1 килограм ПМ 2,5 и 1 килограмг ПМ 10 честички што значи 130 килограми помалку ПМ 10 и 130 килограми ПМ 2,5 честички во воздухот во Битола.
Градоначалничката Наташа Петровска, која исто така беше на увид на досега извршените работи во училиштето рече:
-Ова е потврда за успешната соработка на оваа локална власт и централната власт, посебно со Министерството за животна средина. На почетокот на второто полугодие имаме ново еколошко греење во нашето централно основно училиште “Св. Кирил и Методиј“, што ќе значи поголем комодитет на децата, но истовремено ќе биде ефикасно во заштитата на животна средина, а за сето ова во пресрет ни излезе заменик министерот Макрадули.
Директорот на ОУ “Св. Кирил и Методиј“, Душко Костовски, ја искористи приликата во име на учениците, професорите, останатите вработени и секако и жителите во околината да се заблагодари на брзото изведување на работите и поставувањето на новиот систем за греење.
-Училишна зграда имаше греење на дрва, а ние бевме посочени како голем загадувач во централното градско подрачје. Сега со поставувањето и примената на овој начин на греење голема добивка ќе имаат учениците, наставниците кои нема да го дишат часот од согорувањето на дрвата и од чистењето на големото количество на пепел, но и градот зошто ќе се намали и големо загадување во овој дел. Друга позитивна работа е тоа што покрај греењето во летниот период ќе имаме и ладење на училниците и другите простории, рече Костовски.
Заменик министерот Макрадули и градоначалничката Петровска посетија и училница да видат на самото место како е поставен новиот систем за греење и ладење, како и старата котлара сместена во подрумските простории на училиштето.
Покрај во ОУ “Св. Кирил и Методиј“ беше посетен и ФИКТ каде се поставени прочистувачи за воздухот за студентите и основното училиште во село Кукуречани каде променети се 24 врати со што подобрена енергетската ефикасност, што исто така е придонес за животна средина
Градоначалничката Петровска најави дека уште во декември е направен план за еколошки систем на греење да биде поставен и во уште едно училиште или градинка, откако ќе се направат пресметките и ќе се земат во предвид сите параметри, како и географските карактеристики.
С.Р.






