Press "Enter" to skip to content

Бојан Петровски – студентскиот правобранител на УКЛО (фото)

Подобрување  на студентските права и на образовниот процес во целина, со посебен акцент на правата на студентите и нивната заштита, се дел од размислувањата на Студентскиот правобранител на УКЛО, Бојан Петровски, изнесени при денешното негово претставување и претставување на приоритетните активности на кои ќе ја посвети својата студентско – правобранителска работа.

Студентскиот правобранител на УКЛО, Бојан Петровски е првиот избран Студентски правобранител избран на јавните универзитети во државата. Во таа насока тој и ја потенцира заложбата дека одговорно, одлучно и некомпромисно ќе дејствува кога се работи за заштита и унапредување на правата на студентите и секако, со иста посветеност  ќе работи при детектирање и решавање  на било какви тешкотии или пречки во наставнообразовниот процес.Ректорот, проф. д-р Сашо Коруновски кој говореше од името на Универзитетот го пренесе ставот на раководството на УКЛО дека Универзитетот  ги формира студентските органи и тела комплетно во согласност со Законот за високото образование  и се очекува нивната работа и активности да бидат силна алатка за развојот на Универзитетот. Со тоа што УКЛО силно го вклучува  гласот на студентите  и кога нешто не е добро, целта е  процесите да се коригираат и унапредуваат, дека УКЛО отворено влегува во овие процеси и во своите студенти гледа силни промотори, рече ректорот Коруновски.

Запознавањето со Студентскиот правобранител на УКЛО и излагањето на неговите идни  активности  се одржа во Ректоратот на УКЛО на  4.03.2020 година, по неодамнешниот избор на Бојан Петровски за  Студентски правобранител на УКЛО. Инаку Петровски е студент од Правниот факултет и Одлуката за избор  на Студентскиот правобранител на УКЛО е донесена по предлог на Универзитетското студентско собрание,  на 178. седница на Универзитетскиот сенат, по претходно спроведена постапка во согласност со член 31 став 2 од Законот за високото образование, со мандат од две години без можност за реизбор. Студентскиот правобранител на УКЛО  активностите ќе ги извршува во  простории на КРЕДО Центарот, зграда на поранешна Касарна.

Според ЗВО, Студентскиот правобранител постапува по поднесок од страна на студент или по сопствена иницијатива доколку увидел дека е повредено право на студент од страна на органите на Универзитетот или друг член на академската заедница на Универзитетот. Органите на високообразовната установа се должни да постапат по укажувањата на студентскиот правобранител.