Press "Enter" to skip to content

Полициски час од 21 до 6 часот, пензиии од 28 март, прекинати изборите… најнови мерки на Владата

Донесена е Одлука за забрана за движење од 21:00 до 06:00 часот;
 
Уредба за прекин на сите дејствија за спроведување на изборите;
 
Владата им препорача на банките пензиите да се исплаќаат од 28 март

Со цел спречување на понатамошно ширење на вирусот на територијата на целата држава, Владата на Република Северна Македонија на 25-тата седница што се одржа вечерва одлучи:

1. Да се забрани движење на населението во Република Северна Македонија во временски период од 21:00 – 06:00, а со цел спречување на ширење на заразната болест COVID-19 и заштита на населението во Република Северна Македонија.

• Од оваа забрана се исклучуваат лица кои имаат потреба од итна медицинска помош/ животно загрозувачка состојба/лица на дијализа, исклучиво во придружба на најмногу две лица.

• Доколку поради итноста на здравствената состојба возилото биде запрено од полициска контрола, дополнително ќе се евидентира и ќе се провери оправданоста на излегувањето и превозот до здравствената институција, преку приложување на медицинската документација по завршување на медицинскиот преглед. Ова е усогласен став со Министерство за внатрешни работи и е оперативно изводливо.

• Директорите на јавно здравствените установи ќе изготват список на вработени лица за кои се предвидува дека ќе имаат неопходна потреба за движење вон лимитираното време и ќе го дистрибуираат до Министерство за внатрешни работи или друго Министерство/Установа, со цел изготвување на специјални пропусници/легитимации, за лицата кои ќе можат да се движат вон рестриктивните часови. Со тоа Министерство за внатрешни работи ќе има комплетен увид за временскиот период кога овие лица ќе се движат.

• Во контекст на постоечките рестрикции за движење не се опфатени припадниците на Министерство за внатрешни работи, Армија на Република Северна Македонија, противпожарните екипи, лицата вработени во комунална хигиена, кои се во моментот на работа во смена.• Да се ограничи бројот на дежурните аптеки на територијата на градовите и да се назначат од Министерството за здравство или Агенцијата за лекови-МАЛМЕД или Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, одреден број на аптеки, кои ќе дежураат во рестриктивниот период, а во исто време да бидат локациски поврзани со дежурните здравствени институции. Пристапот до дежурните аптеки ќе се ограничи само на лица кои извршиле медицински преглед во здравствена установа, а како доказ за тоа ќе приложат медицински извештај од извршен преглед.• Да се задолжат такси компаниите да воведат дежурства со ограничен број на возила и истите да бидат искористени исклучиво за превоз кон/од болничка установа или аптека. Таксистите задолжително да користат лична заштитна опрема во возилото (заштитна маска и ракавици).

2. Се забранува движење на возила од јавен превоз од 21:00 до 06:00.

3. Дежурни екипи на ЕВН, Водовод и канализација, Телекомуникации служби, топлификација смеат да се движат само по претходна најава на 192 (МВР).

4. Да се организира меѓуградскиот и јавниот превоз со ограничување на капацитетот за превоз на патници за 50%  во возилото, или со задолжително одржување на растојание од најмалку два метри меѓу патниците.

5. Се забранува собирање на населението во групи поголеми од 5 (пет) лица во период од  06:00 – 21:00 на јавни места и површини.

Тоа го имавме како одлука, и сега гопотврдуваме и на овој начин.

6. Директорите/управителите на погони/фабрики на сите институции се задолжуваат да го  прилагодат своето работно време и производството согласно забраната за движење во предвидениот период.

7. Во трговските објекти, аптеки и јавни установи кои даваат услуги за населението каде плаќањето и работата се одвива на каси или шалтери, да се ограничи присуството на граѓаните согласно бројот на каси односно шалтери (колку каси/шалтери толку граѓани во исто време), односно врз основа на големината на објектот. Времетраењето на задржување во овие објекти го ограничуваат и одредуваат менаџерите на објектите.

 
На седницата Владата ја разгледа и усвои информација за исплата на пензии за март 2020 година на предлог на Кабинетот на заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори. Вицепремиерката за економски прашања и координација со економските ресори Мила Царовска се обрати до Македонската банкарска асоцијација со барање поради вонредната состојба  со коронавирусот, банките да овозможат исплата на пензиите во пет групи  на пензионери според износот на пензија по работни денови од 25 март до 31 март 2020 година. По добиеното известување од Македонската банкарска асоцијација, Кабинетот на вицепремиерката за економски прашања и координација со економските ресори, предложи, а Владата прифати да им се препорача на деловните банки да обезбедат исплата на пензии од 28-ми март.
 
Владата на оваа седница донесе Уредба со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес. Со денот на стапување во сила на оваа уредба се прекинуваат сите изборни дејствија за спроведување на изборите за пратеници во Собранието, кои се закажани за 12 април 2020 година. Мандатот на членовите на Државата изборна комисија се продолжува и ќе трае 6 месеци од денот на одржување на изборите за пратеници.
 
Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија“ бр. 66/04; 139/08; 99/09;  149/14; 150/15 и 37/16), ќе се применува за време на траење на вонредната состојба, доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено. За видот на болеста која се пренесува од човек на човек за која при лекувањето се применува мерката строга изолација (карантин), за лицeто на коe му се одредува строга изолација (карантин), за одредување на мерката строга изолација (карантин), за објектите за спроведување на мерката строга изолација (карантин) и за местото  и за времетраењето на примена на мерката строга изолација (карантин), за време на траење на вонредната состојба се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.
More from ВестиMore posts in Вести »