Во спортската сала “Младост“ се одржа заедничка прес-конференција на ракометните клубови на Пелистер и Еурофарм Работник, на која зборуваа претставниците на клубовите, тренерите и капитените на екипите.
Во уводниот дел на прес-конференцијата, зборуваше Сашо Шамбевски, дел од одборот на директори на РК Пелистер, кој се осврна на досегашната организациска поставеност на клубот, за засилувањата и за хуманитарниот карактер на градското дерби.
-Сакам прво да кажам дека ова градско дерби ќе има хуманитарен карактер и дека парите од продадените влезници ќе бидат донирани во хуманитарни цели, а со тоа ќе продолжи идејата на клубот заедно со навивачката група “Чкембари“ да помагаме, каде е најпотребно. По дербито сите заедно ќе ги донираме средствата, а нас како клуб не радува дека оваа иницијатива е прифатена од страна на Еурофарм Работник, кои самите ќе купат влезници и со тоа ќе се вклучат во хуманата страна на дербито. Што се однесува пак до организациската поставеност би рекол дека се средуваат клубските простории кои за брзо ќе бидат отворени, а таму ќе кажеме повеќе за клубот. Пелистер во преодниот рок се засили со неколку ракометари, но за жал смртта на мајката на 19-годишниот Ради, засилувањето од Египет, тој ќе дебитира во некој од наредните натпревари. Иако не го познаваме лично, сепак подготвени сме како клуб да му излеземе во пресрет на ракометарот за секое негово барање, а ние жалиме и сочувствуваме за неговата загуба, рече Сашо Шамбевски.
За хуманата акција на Пелистер, Бојан Стефановски од Еурофарм додаде:
-Ја прифаќаме подадебата рака за соработка со Пелистер, а хуманитарниот карактер на дербито, а кога и ние ќе бидеме домаќини ќе го направиме истото. Што се однесува пак до самото дерби би сакал да ги поканам нашите фанови да бидат во поголем број во салата “Младост“.
Спорсткиот директор на Пелистер, Златко Димитровски се задржа на амбициите на клубот.
-Амбициите се јасни излез на европска сцена и обезбедување на пласман кој ќе не однесе во СЕХА лигата. Што се однесува пак со организираноста на клубот, сакам да кажам дека во идната сезона ќе имаме и втора екипа на Пелистер, како што порано беше екипата на Жито-Битола. Ова е добар начин на создавање на ракометари, а сега го применуваат екипите на Вардар и Металург. За екипата на Еурофарм Работник би рекол дека сакаме да имаме пријателски односи, но тоа нема да важи утре на терен. Ќе бидеме 60 минути лути противници, а потоа надвор од теренот ќе бидеме пријатели.
Тренерот на Пелистер рече дека без разлика што натпреварот нема голем значај за врвот на табелата, пелистерци се мотивирани.
-Овој натпревар е еден од трите со градскиот ривал, кои ни следуваат. Верувам дека ќе понудиме добра партија, сите љубители кои ќе дојдат нема да зажалат. Еурофарм Работник има искусен стручен штаб, квалитетен ростер и следи вистинско дерби. Ние сме желни за ракомет, Пелистер е силно мотивиран против секој противник, па така ќе биде и утре попладне, рече Марковски и додаде пофалби зборови за ривалот Еурофарм Работник.
Тренерот на „фармацевтите“, Илија Темелковски, очекува утре да има ракометен празник во Битола.
-Благодарност за повикот за заедничка прес-конференција и за хуманитарниот аспект на дербито. Горд сум што сум присутен во ракометна Битола и што можам да дадам придонес со моето искуство. Еурофарм Работник е сериозен и добро организиран клуб, а ривалството може да донесе само добро во спортски аспект. Нека биде ракометен празник и нека биде коректно и во теренот и надвор од него.
Двата капитени во клубовите, кружните напаѓачи кај Пелистер – Васко Димитровски и кај Еурофарм Работник – Игор Трајковски рекоа дека веруваат во своите соиграчи и дека ќе прикажат добра игра на радост на публиката, но и тоа дека двајцата се надеваат во победа, што секако е спортски.
Натпреварот меѓу Пелистер и Еурофарм Работник се игра утре во спорстката сала “Младост“ со почеток во редовниот ракометен термин, 18.30 часо, а ќе го судат најдобрите македонски арбитри, Славе Николов и Ѓорѓи Начевски.
Текст и фото: Сашо Ристевски





