Press "Enter" to skip to content

Службата за координација на помош во населба Баир додели хуманитарни пакети на 90 ромски семејства

Ситуацијата со COVID-19, ја влоши социо-економската состојба на граѓаните во целата земја, загрозувајќи ја нивната егзистенција. Поради ваквата ситуација, на удар се најдоа најранливите групи на граѓани во општеството, особено граѓаните од ромската заедница.

Покрај мерките за ригорозна хигиена и практики за социјално оддалечување, пандемијата COVID-19 доведе до невидено замрзнување на економскиот живот. Во овој тековен контекст, многу Роми ги загубија своите извори на дневни приходи и се соочуваат со намален пристап до социјални бенефиции, кои честопати се отежнуваат со карантински мерки.

Со цел да се воспостави функционално решение кое ќе овозможи полесно справување со ваквата состојба, на почетокот на месец мај во просториите на месната заедница “Димитар Влахов” во населба Баир, формирана е Служба за координација на помош. Оваа служба ја олеснува и координира размената на информации и поттикнува соработка помеѓу ромската заедница, меѓународните организации, локалните НВО и локалната власт за идентификување на потребите и насочување на помошта наменета за социјално загрозените семејства.Australian Macedonian Romano Ink е ромско здружение на иселеници од Мелбурн, Австралија кое реши собраните средства од своите членови во висина од 105.000 денари да ги донира за социјално загрозени ромски семејства во општина Битола.

Мустафа Умеровски-професор по етика од Битола е човекот преку кој оваа помош успешно се реализираше и се дистрибуираше до најзагрозените ромски семејства.

“Важно ми беше собраните средства да стигнат на вистинско место и да ги задоволат потребите на граѓаните. Сакав донираните средства наменски да бидат потрошени. Поради тоа ја контактирав Службата за помош во населба Баир. Координаторот на службата Ремзи Медик е човек од ромската заедница кој реално ги познава проблемите и потребите на оваа заедница и има увид каде е најпотребна помошта. Успеавме да подготвиме 90 пакети со најнеопходните прехранбени и хигиенски средства и со група на волонтери да ги поделиме викендот пред големиот муслимански празник Бајрам и да им овозможиме пријатен празник на многу загрозени семејства”- вели Умеровски.

Во изминатиов период за справување со кризата, освен помошта која пристигнува повеќе организации: УНДП, Црвен крст и сл. од исклучителна важност е и помошта од страна на ромските иселеници во западноевропските држави како и од Америка и Австралија, кои самоиницијативно се организираат и испраќаат парична помош до најзагрозените ромски семејства.Ремзи Mедик – Координатор на Службата за помош додава: “Помошта секогаш е добредојден. За жал потребата од помош секогаш е поголема од она кое ние можеме да го обезбедиме. Бројот на социјално загрозени семејства во населба Баир е прилично голем. Ги повикувам сите оние кои сакаат да донираат и да помогнат за полесно справување на ромското население со моменталната криза да ја контактираат Канцеларијата за помош. Стојам на располагање секој ден од 9 до 17 часот во просториите на месната заедница “Димитар Влахов” во населба Баир или на телефон 078/449092 и е-mail: urbanbair@predaplus.eu)”

Освен за координација на хуманитарна помош канцеларијата е отворена и за пристап до информации и помош при искористување на правна и финансиска помош. Сите оние кои не се во можност да го остварат правото на гарантирана минимална помош, а и други права кои се нудат од страна на државата слободно да ја контактираат канцеларијата за помош.

“Хуманоста и солидарноста се единствениот начин за надминување на кризата. Обезбедувањето на најосновните потреби за социјално најзагрозените семејства е приоритет, меѓутоа на долг рок, треба да се размислува како да се подобрат инфраструктурата, домувањето и вработувањето на припадниците на ромската заедница кои живеат во Битола“-вели Ремзи Медик-Координатор на службата за помош во населба Баир.

Службата за помош во населба Баир е дел од проектот “Сензибилизација и мапирање на домувањето за Роми ”, проект на Фондација за одржлив економски развој Преда плус-Битола, финансиски поддржан од Швајцарска агенција за развој и соработка (SDC). Проеткот има цел да придонесе за создавање на основа за натамошно подобрување на урбаната и социјалната вклученост на ромските заедници кои живеат во сиромашни и неформални населби во Општина Битола.

More from ВестиMore posts in Вести »