Најавите добија потврда, Пелистер во Битола донесе американско засилување пред да дебитира во Првата лига, се работи за 30-годишниот Џордан Калахан, кој потпиша за битолчани на една година.
Грчки Јоникос е последниот клуб на плејмејкерот, кој претходно настапуваше во германското, италијанското, полското и белгиското првенство. Минатата сезона во Грција, Калахан запиша просек од седум поени, 1,9 асистенции и 1,3 скока по натпревар.
Во пресрет на новата сезона пелистерци се засилија со Трајковски, Стајиќ, Кесар, Басит, Малешевиќ и Вилијамс, а наскоро ќе започне со тренинзи и Калахан со екипата на Пелистер.
Заради позитивен кошаркар на ковид-19, Пелистер ги одложи натпреварите од првото и второто коло против Кожув во Гевгелија и Вардар во Скопје.
Првиот натпревар екипата на Марјан Илиевски го очекува следната недела.






