Ракометарите на Еурофарм Работник 2 од Битола со победата во Прилеп го потврдија квалитетот и пласманот во плеј-офот од Супер лигата, што е голем успех за младите ракометари, а да се надеваме дека во Битола, во спортската сала “Боро Чурлевски“ пред публика ќе гостуваат најдобрите македонски ракометни екипи.
Тренерот Александар Јовиќ не го криеше задоволството од големиот успех, им честита на ракометарите и им се заблагодари на сите за поддршката и помошта која ја имаше оваа есен.
-Прво честитки за моите момци, одиграа одличен натпревар во Прилеп, пожртвувано во одбрана и храбро во напад. Сакам да им се заблагодарам на сите во раководството на клубот, што ни овозможија вакви услови за работа и за напредок. Уште од самиот старт наша цел беше плеј-оф.
За тимот кој го води Јовиќ и како стигнаа до плеј-оф додава:
-Во тимот има многу млади, но и искусни играчи кои знаат да одиграа вакви натпревари на високо ниво. Можеби и реалноста беше таа, ние да бидеме дел од разигрувањето за титулата. Првенството беше многу тешко и неизвесно и со еден кикс може многу да заостанеш. Така, ние го одевме потешкиот пат и бевме во ситуација да се вадиме за загубените натпревари. Пресвртот на настаните се случи со победата на Тиквеш во гости. Ракометарите почнаа да веруваат дека ниту една екипа не смее така лесно да нè победи. Можеби може, но никако да биде поборбена од нас. И дека поединец во колективен спорт не може да направи ништо сам, мора да се игра тимски, а тоа го научија овие момци.






