Press "Enter" to skip to content

In memoriam: Коста Хаџи Антоновски – Мал битолскиот монмартр

Денес во Битола, на 86 годишна возраст почина Коста Хаџи Антоновски, идејниот творец и основачот на Детското ликовно студиот “Св. Кирил и Методиј“ или Малиот битолски Монмартр, и легенда на Старата битолска чаршија каде е сместено Студиото.

Коста Хаџи Антоновски беше познат и признат ликовен уметник и педагог кој едуцирал многу млади ликовни таленти, а некои денес се врвни ликовни сликари. Иницијатор и организатор на многубројни културни настани во Битола. Битолчани ќе го паметат по многу поводи, педагог, културен работник, голем почитувач на децата, но најповеќе по неговата работа и угледот кој тој го направи на Малиот битолско Монмартр, по свечените отворања во Чаршијата, по коледарскиот оган, а најмногу кога во иднина ќе видат дечиња од цел свет како цртаат низ Битола, со препознатливите штафелаи и отворени бои.

Коста Хаџи Антоновски е добитник на многубројни награди и признанија од земјата и странство, како и на наградата за животно дело на Општина Битола.

Коста Хаџи Антоновски и Детското ликовно студио “Кирил и Методој“  ја ставија Битола  на мапата на ликовните уметници ширум светот, а Малиот битолски монмартр, кој се организираше на Денот на нивниот патрон, Св. Кирил и Меродиј,  беше настан каде едвај чекаа да дојдат деца ликовни творци од сите страни на светот.

Малиот битолски монмартр беше културен амбасадор на Битола, а за тоа беше најзаслужен Коста Хаџи Антоновски чија најголема среќа беше да ги гледа децата кои творат низ битолските улици.

Веста за смртта на Хаџи-Антоновски ја објави неговата ќерка на социјаните мрежи, а тој подолг период имаше нарушено здравје и последните денови беше на лекување во болница, каде и почина.

Погребот ќе се одржи утре на Светонделеските гробишта во Битола.

More from ВестиMore posts in Вести »