Денес на 73 годишна возраст по кратко боледување во Битола почина адвокатот Васил Ѓорѓијев (1948-2021), доајен на битолската адвокатура.
Васил Ѓорѓијев основно и средно образование завршил во Битола, а Правен факултет во Скопје во 1973 година. По дипломирањето се вработил во ТП „Јавор“ како референт во правна служба. Во 1977 година, го положил правосудниот испит, а има и успешна адвокатска кариера, не само во Битола, туку и во цела Македонија.
Васил Ѓорѓијев беше претседател на Адвокатската заедница Битола, член на првиот состав на претседателството на Адвокатската комора на самостојна Република Македонија (1991-1994), како и член на комисии за донесување на повеќе закони. Активен во коморските активности и предавач на Академијата за судии и јавни обвинители и предавач на бројни семинари, симпозиуми и стручни средби.
Васил Ѓорѓијев беше припадник на генерацијата на адвокати од Битола, која успешно ја афирмира адвокатурата од Битола на големиот југословенски простор, како адвокатура која носи вредности на совесност, стручност и професионалност.
Како адвокат во својство на предавач или воведничар учествувал на повеќе семинари и тркалезни маси од областа на граѓанското и кривичното право. Добитник е на признание за 25 годишно вршење адвокатска дејност од АКРМ во 2006г. Со стручен труд учествувал во Македонската ревија за кривично право и криминологија. Во 2010г., бил во посета за остварување на соработка со Адвокатската комора од Крагуевац, Србија.
Васил Ѓорѓијев неодамна прослави 40 години непрекинато вршење на адвокатската дејност, а со неговото заминување, адвокатската професија изгуби вреден колега, стручњак, кој му помогнал на бројни правници и адвокати во формирањето како личности во правото и адвокатурата.






