Пелистер Волеј – Македонија Макс 3:0
(25:19; 25:16; 25:21)
Денес во Битола, во салата на Медицинското училиште одбојкарките на Пелистер Волеј го одиграа последниот сезонски натпревар, во кој изборија пласман во најдобрите осум за наредната сезона. Ова е неверојатна победа, шеста во низа или вкупно 14-та, во натпревар одигран речиси без грешка, можеби најдобриот за оваа сезона.
Тренерот на Пелистер Волеј, Роберт Митковски, е задоволен од овој натпревар и од целата сезона, а по натпреварот рече:-Година и генерација за паметење. Шест кола да се игра без право на грешка, без право на пораз, нималку не е лесно. И овој последен натпревар беше да се биде или не, натпревар во кој мораше да се победи. Тоа зборува за карактерот на оваа млада екипа, составена од пионерки, кадетки и по некоја младинка, екипа, која ни во најтешките моменти не потклекна под притисокот кој го носеше речиси половина сезона, а за пролетниот дел на сезона додаде:
-Пеколно пролетно темпо, фантастична и беспрекорна физичка подготвеност, без замор и без повреди, се темпирано како по ноти, гледајќи ги како играат нашите пелистерки денес, тие изгледаа како сезоната штотуку да започнува за нив. Имаат за што да бидат горди, остварија рекордни 14 победи, само 6 пати загубија, освоија неверојатни рекордни 43 бода. За ваква сезона во која се пропатувани илјадници километри, само да жалиме што трибините се празни.
Истите овие девојки први се по групната фаза во младинската лига со скор 6:0 без загубен сет, а следната сезона Пелистер Волеј ќе се натпреварува во елитата.
Денес одбојкарки освоија 54 поени, 40 од напад, 5 пати од блок и 9 аса. Поените ги освоија: Ева Трпеновска 19, Стефани Најдановска 12, Меланија Каралиоска 9, Ивана Белокозовска 6, Ана Пејовска 4, Михаела Цветановска 2, Сандра Дамчева 1 и Јована Ристевска 1.
Фото: Дамјана