Идната сезона хрватската колонија во Битола, во ракометниот клуб Еурофарм Пелистер че биде побогата за уште еден член, по официјалното потврувањето на новото засилување во клубот со Јосип Божиќ Павлетиќ.
Десното крило на хрватската репрезентација и на бундеслигашот Гепингем, Јосип Божиќ Павлетиќ од следната сезона ќе конкурира за место во тимот на Жељко Бабиќ, а потпиша договор на една сезона, со опција за уште една.
Јосип Божиќ Павлетиќ е роден во Сплит на шести август 1994 година. Дел од познатата хрватска ракометна школа, а име градеше носејќи го дресот на Нексе од Нашице. Во 2017 година премина во ППД Загреб и неколку сезони по ред освојуваше титули од шампионатот и Купот на Хрватска. Во јануари годинава се пресели во Бундеслигата и успешно настапуваше за Гепингем, клубот од кој Јосип Периќ минатото лето дојде во Битола.
Неговото доаѓање во Битола е голем чекор за клубот и уште едно репрезентативно име во ростерот на Жељко Бабиќ. Официјалното претставување на Божиќ Павлетиќ е закажано за почетокот на подготовките за следната сезона, се вели во клупското соопштение.
Инаку, Божиќ Павлетиќ е четврти хрватски интернационалец во Еурофарм Пелистер по Мандалиниќ, Кушан и Мараш.









