Цела оваа фудбалска сезона во Битола, на стадионот под Тумбекафе, се играше без публика, а фудбалерите на Пелистер и во ваква пандемиска состојба на стадионот, кога се влегуваше под посебни мерки и списоци, ја имаа поддршката од навивачката група “Чкембари“.
На крајот од секој натпревар, “Чкембарите“ ја поздравуваа победата, а им даваа поддршка, и во есенскиот дел од сезоната, која не “одеа баш најдобро“ работите на теренот во Битола.
Така беше и на последниот натпревар, кога “пелистерци“ на крајот беа поздравени од редовните навивачи од “Чкембарите“ кои на секој натпревар беа на истото место под Тумбе кафе, по дожд, сонце, по ветер…, каде правеја и “баклијади“.
Навивачите и на овој натпревар ја добија благодарноста, овој пат “Чкембарите“ беа наградени со тоа што фудбалерите им ги подарија дресовите, како спомен на оваа сезона, која не би сакале да се повтори.
Ширко, Индиго, Благојче, Горан… ја заслужија почитта и благодарноста, поминаа цела сезона, на едно небезбедно место, поставувајќи навивачки транспаренти, веејќи навивачки знамиња, пеејќи навивачки песни…
“Навивачите на стадионите“ гласеше транспарентот на “Чкембарите“, кој сите сакаме да се исполни идната сезона, под Тумбекафе во Битола, да на секој натревар има по 6-7 илјади, а на дерби натпреварите и по 1о илјади гледачи, на новиот стадион.
Тоа Битола, љубителите на фудбалот и “Чкембарите“ тоа го заслужуваат, а фудбалот, впрочем се игра за навивачите, а Битола е позната по нив.
Текст и фото: С.Ристевски









