Вчера низ улиците на Скопје се одржа скопскиот маратон, традиционален спортско-рекреативен настан на кој меѓу десетте илјади маратонци се најдоа битолчани и битолски компании. Еден од учесниците е Маријан Шамовски кој ја истрча и главната маратон трка во должина од 42,195 километри.
За учеството на маратонот Шамовски, кој е рекреативен атлетичар, вработен во Комерцијална банка АД Скопје, вели:
-Секој маратон, па и скопскиот има примарна намера, тоа е масовно поттикнување на маратонското трчање, како и спортот и рекреацијата во глобала. Се одржуваат неколку трки и тоа: – на 500 метри за деца – 5.000 метри хуманитарна трка, штафетна трка, полумаратон 21,097 км и главната трка маратон 42,195 км. Оваа година во рамките на маратонската трка се одржа и државното првенство во маратон за 2018 година, каде зедов учество и јас. Сакам да нагласам дека ова е мое прво маратонско искуство (42.195 км) кое го завршив за 3:43:51 (chip time). Досега имам учествувано и на Охридскиот Атлетски Маратон 30 км (релација Св.Наум – Охрид Центар), како и многу полумаратони 21.097 км, и тоа: Скопски маратон 2016, Скопски маратон 2017, Трчаме кон целта Скопје, Шри Чин Мој Скопје, City Park Night 21 Скопје, Стара Загора Бугарија, Сарајево БиХ, Врање Србија и многу други.
И на полумаратонот зедоа учество неколку битолчани, Билјана Сивева на која ова и е трет полумаратон, за учеството на полумаратон во должина од 21 километар вели:
-Како настан Скопски Маратон е многу убав и позитивен и од година во година е помасовен, а сакам да трчаат повеќе битолчани. Оваа година со мене имаше доста битолчани. Групата “Турни ме да кинисам“, Сашо Попоски, Мирјана Блажевска, Елена Ристевска, Игор и Кирку беа на полумаратон и сите финишираа.
На трката во должина од 5 километри имаше најголем број битолчани, а меѓу нив беа таткото и ќерката Драган и Теодора Ристевски. За нивното искуство од скопскиот маратон Теодора вели:
-Ова мене не ми е трет маратон, а на мојот татко му беше прв маратон. Се радувам дека заедно ја истрчавме патеката, ова е искуство и доживување кој секој кој се занимава со спорт, без разлика дали е рекративец или професионалец треба да го доживее. Многу маратонци, многу патеки каде секој може да се пронајде.
Тука треба да се спомене и второпласираниот Кристијан Стојани и голем број на битолчани кои се рекреативци, а истрчаа и полумаратон.
Покрај поединци од Битола учествуваа и неколку битолски компании кои трчаа штафетен маратон.
Сите кои беа на скопскиот маратон од Битола имаат желба атлетиката во Битола да се издигне на повисоко ниво и се повеќе млади и возрасни активно да трчаат и да земаат учество на вакви тркачки настани.
-Би биле многу среќни доколку еден ден Битола биде организатор на еден ваков спортски настан, веалт сите.






