Пелистер Волеј – Сити Волеј Славков 3:2
(19:25; 25:22; 25:09; 13:25; 15:07)
Втора екипа на одбојкарскиот клуб Пелистер Волеј избори учество во завршницата од државното првенство.
-Повторно за само десетина дена ние сме во игра за медал, па и можност за прва шампионска титула.
По втор пат совладана е екипата на Сити Волеј Славков во крајно драматичен и неизвесен меч со резултат 3:2 после 2 часа и 20 минути игра откако во првиот дуел беше 3:0 за нашите девојки и тоа во Скопје на гости, вели со радост тренерот Роберт Митковски.
Инаку, како и се очекуваше поради важноста на натпреварот сè започна во грч, а противникот покажа дека е екипа за почит со огромна желба за надигрување и уште на стартот се виде дека ова нема да биде лесен дуел за “пелистерки“.
-Среќни сме за овај голем, огромен, најголем успех до сега и нашата наредна станица е денес каде имаме тешка мисија да се вратиме од негатива од 0:3 и ќе се обидиме да избориме и трeт Final Four оваа сезона, овај пат со кадетките, вели Митковски и додава:
-Ова е уште еден голем доказ за нашата посветеност, каде најголемиот акцент се става токму на младите категории од кои се надеваме дека ќе произлези и еден силен Пелистер Волеј во сениорска конкуренција, но за тоа секако е потребна поголема поддршка за постигнување на уште поголеми резултати.
Денешниот натпревар против екипата на Наковски Волеј започнува во 19,30 часот со спортската сала на Медицинското училиште.






