Финалето од македонскиот фудбалски куп ќе се одигра денес на стадионот “Младост“ во Струмица помеѓу екипите на Пелистер и Шкендија, а двете екипи ја одржаа и редовната прес-конференцијата во организација на Фудбалската федерација на Македонија.
Екипата на Пелистер до вечер до 20 часот е актуелен победник на Купот, а дали ќе остане или големиот пехар ќе замине за Тетово ќе знаеме по 90 минути или по пеналите ако резултатот биде нерешен.
Секако во ова финале екипата на Шкендија е фаворит, а според она што оваа екипа го покажа во текот на првенството и освојување на титулата од една страна, а од друга страна тоа што Пелистер е веќе второлигаш по испаѓањето од Првата лига во неделата, доволно зборува дека тетовчани се апсолутни фаворити.
Но, “пелистерци“ имаат право да се надеваат, како и љубителите на фудбалот во Битола во чудо, пехарот повторно да се врати во Битола.
-Шкендија влегува како голем фаворит на натпреварот. На убедлив начин го освоија првенството, а со начинот на кој тоа го направија покажаа дека ја имаат најдобрата екипа во Македонија во последните неколку години. Ние сме во финале и ќе се обидеме да се спротивставиме најдобро што можеме. Однапред не се предаваме, напротив, се надевам дека ќе играме добар фудбал и ќе се бориме до крај“, изјави тренерот на Пелисер, Неџат Хусеин.
Покрај Хусеин, на прес-конференција зборуваше и Благојче Марковски кој рече дека фудбалерите не се во Струмица за однапред да се предадат:
-Различни сме во однос на лани, но нема да излеземе со бело знаме. Ќе дадеме се од себе да се справиме со противникот кој е голем фаворит. Шкендија е одличен тим, но ако ни се даде шанса за изненадување ќе ја искористиме, изјави Марковски.






