Викендов на ски-патеката “Бегова – Копанки“ на Пелистер ќе се одржи традиционалниот “Пелистерски велеслалом“ во организација на ски клубот Пелистер од Битола. Сабота и недела љубителите на скијањето од Битола ќе можат да гледаат, но и да го почуствуваат адреналинот на професионално поставената ски-патека за велеслалом.
Претседателот на ски клубот Пелистер, Науме Симјановски, денес за престојниот скијачки викенд на Пелистер рече:-Традицијата продолжува без разлика на генерациите и годините, а оваа година на “Пелистерскиот велеслалом“ ќе имаме официјален дел кој е во рамките на лига натпреварите кој е во организација на скијачката федерација на Македонија, а како технички организатор сме ние скијачкиот клуб Пелистер. Овие две трки ќе се возат под името “Пелистерски велеслалом“ име кое за брзо време ќе биде брендирано, како битолски симбол на скијачкиот клуб Пелистер и на сите битолчани. По барање на граѓаните, на концесионерот, хотел “Молика“ и ЕЛЕМ Турс и да излеземе во пресрет на граѓаните после неколку години, а пред се поради тоа што има снег на патеката, по официјалниот дел на трката во недела ќе се организира трка за граѓаните од 7 до 77 години, која ќе биде организирана волонтерски, а сакаме покрај официјалниот дел да правиме нешто ново на задоволство на сите љубители на скијањето и планината и додава:
-Сакам да ги замолам рекретативците и туристите бидејќи патеката ќе биде зафатена да имаат трпение додека е официјалниот дел 2-3 часа, а ние за возврат ќе му овозможиме секој да учествува на ревијалниот натпревар да почуствува како изгледа скијање на професионално поставена ски-патека.
Митко Милевски, член на УО на ски клубот Пелистер за официјалниот дел на “Пелистерскиот велеслалом“ и за трките рече:-Оваа сезона е трета трка по ред, а претходно се одржаа на Попова Шапка и Маврово. Закажани се слалом и велеслалом, сабота и недела, а сите категории на возраст од 6 до 16 години, поделени во пет категории со почеток во 9 часот. Очекуваме по 120 скијачи во двете трки, а има пријавени од сите клубови, кои уште утре ќе бидат на Пелистер и ќе одржат тренинг. Резултатите ќе се бодуваат за националното првенство, по категории и затоа ова трка ќе биде значајна за сите скијачи. Се надевам дека најавите за невреме за недела нема да се остварат и дека ќе се одржат двете трки, кој за критиките околу тоа зошто немаше трки изминатите години, додава:
-Изминатите три сезони, само поради немање на доволно снег на Пелистер ние моравме трките да ги организира на други терени, а доколку и сега немаше снег ќе моравме да бараме нова локација, каде бевме домаѓини. Ние како клуб сме обврзани да имаме две трки, а некои битолчани бурно реагираа зошто се прави таму, а не тука. Ќе повторам причината е една, немање на снег на патеката. Годинава за среќа имаме и ние и натпреварувачите сме пресреќни за тоа што по три години ќе “возиме“ на домашен терен. Ако не направиме клуб ќе ни се одземат правата да организирам трки.Тренерот на скијачите на Пелистер Марјан Нашоку е оптимист за престојните трки и вели:
-Младите битолски скијачи, како и ние кои сме вклучени во организацијата на трките со нетрпение го очекуваме стартот на двете трки. На патеката ќе се појават десет млади скијачи до 6 до 16 години во сите пет категории. Што се однесува пак до очекувањата очекувам одлични резултати, децата ја познаваат патеката, одлично работеа изминатиот период, имаа доволно тренинзи на снег, а имаат искуство од минатите трки на Шапка и Маврово.
С.Ристевски