Неодамна, во музичкиот етер излезе новата инструментална композиција на кларинетистот Благојче Трајковски со наслов „Вулкан“. Атрактивно и виртуозно музичко парче каде што Благојче е придружуван од познатиот Џамбо Агушев на труба, а како специјален гостин се појавува виртуозот на гитара од Бугарија Ангел Демирев.
“Вулкан“ е авторско дело на Благојче во аранжманско обликување на вонсерискиот музичар Димитар Христов, аудио продукцијата е дело на Дејан Момироски, а видеото го реализираше “Веста Продукција“. Покрај претходно споменатите музичари, во ова дело учествуваат и: басистот Иван Кукиќ, тапанарот Благоја Антовски, перкусионистот Ратко Даутовски и гитаристот Петар Миланов.
-“Вулкан“ е една многу ведра, лесна и брза композиција каде што секој од инструменталистите остава по еден свој значителен белег. Благодарен сум на Димитар Христов за посебната енергија во аранжерското обликување. Џамбо ми е брат по музика и секое музицирање со него, за мене е посебно задоволство. Ангел Демирев е раскошен виртуоз кој на оваа композиција и‘ даде една посебна боја и сенс, а Иван, Благоја, Ратко и Петар уште еднаш покажаа и докажаа дека се светска класа на музичари. На сите им благодарам од срце, ни изјави Благојче Трајковски.
Уште од самото промовирање, оваа композиција стана вистински хит. Наиде на многу позитивни реакции и воодушевувања низ целиот Балкан. А, во блиска иднина Благојче најавува уште едно музичко парче со истата екипа.






