Press "Enter" to skip to content

Битолчани на “оф роад“ турнеа низ прилепскиот дел на Мариово (фото + 360* панорама)

Тројца членови на “OFF ROAD Macedonia“ тимот од Битола, изминатиот викенд на убав начин ја завршија оваа сезона, пред врнежите од снег кои се најавуваат деновиве.


Најавите од метеоролозите дека неделата од викендот кој е зад нас, ќе биде последниот сончев ден, пред зимата, беше мотив плус Митко Крстевски, Јове Парговски и Бобо Груевски да се насладуваат на мариовските убави предели, да уживаат во природата која ја има само во овој дел на султанијата Мара, по чие име овој предел го добил името…

Село Чаниште
-Рано во неделата се упативме кон целта која ја зацртавме, а таа беше од Битола, преку прилепскиот дел на Мариово, да стигнеме до село Лагово и таму да ја следиме мото-крос трката. Патот, по поминавањето на село Маково, го продолживме со исклучување од регионалниот пат, кој е главна сообраќајна артерија во овој дел на Македонија, и продолживме по “оф роад“ патеката која води до селото Чаниште. Овој дел на сите намерници кои ќе се одлучат за овој вид на посета на Мариово им нуди прекрасни глетки, кои долго се паметат, вели Бобо Груевски, голем љубител на Мариово.

Село Чаниште
Неколкуте бачила по патот, и гостопримливите и радознали домаќини, само го дополнуваат впечатокот од прекрасните панорами во овој дел, a особено интересно е село Чаниште и прекрасните примери на традиционална Македонска архитектура од Мариово.


За продолжување на патешествието, Митко Крстевски, кој има свој етно-ресторан во село Зовиќ, додава:
-По поминато време во село Чаништа се упативме кон нашата попатна станица, село Крушевица, односно посета на гробот на Толе Паша, војвода од Мариовскиот крај. На сите кои поминуваат во овој предел на прилепскиот дел на Мариово, би им порачал да не пропуштат да го посетат ова историско место и да му оддадат достојна почит на една историска личност од овој крај.

село Крушевица
Во село Крушевица, тројцата битолчани го кратко го прекинаа “оф роад“ возењето и се вратија на регионалниот пат Прилеп – Витолиште, за да во близина на село Полчишта по стрмен земјен пат се искачат на познатиот планински врв Панделе, во близина на селото.

Панделе - Мариово
-Кога ќе се најдете на врвот Панделе, како да сте на врвот на светот, бидејќи од врвот се гледа „како на дланка“ цело Мариово, а на самиот врв се наоѓаат двете црквички посветени на Св. Вмч. Пантелејмон, а верниците сега ги градат нивните конаци.

Интерактивна 360 степени панорама од врвот Панделе

Покрај црквичките тука, мене, а верувам и на останатите кои ќе го посетат Мариово, ќе им остави посебен впечаток манастирот “Св. Никола“, во село Манастир. Тука е истоимената црква која потекнува од 11 век, и е една од најпосетените локации во овој дел на Мариово, која и нам ни беше последна на списокот на места кои ги посетивме во неделата, вели Јове Парговски, кој не ги криеше силните впечатоци, кои долго ќе му бидат во сеќавањата.

Св. Никола, Манастир

Домаќините во манастирот, како и секогаш гостопримливи, не ја пропуштија приликата, сите кои беа таму, да ги запознаат со дел од историјата на црковниот комплекс, а и да ги послужат со чај и кафе, во дворот по убавото сонце.
Мариово беа разлика дали си во битолскиот или прилепскиот дел е безвременска зона. Тука како се да застанало во едно не така долго минато време, па затоа тука се губи и чувството за време и Јове, Митко и Бобо не стигнаа на време во Лагово. Но, затоа долго време ќе се сеќаваат на глетките на природните убавини, на мариовската архитектура, на убавите фрески по црквите и манастирите… кои ги видоа во тие шест-седум часа колку што траеше нивното “оф роад“ патување низ Мариово.

Текст: С.Ристевски
Фото: Ј. Парговски

More from ЗабаваMore posts in Забава »
More from СпортMore posts in Спорт »