Press "Enter" to skip to content

“Грижата за Хераклеја Линкестис денес, гаранција за утре“ – трибина во Заводот и Музеј

Во просториите на Заводот и музеј во Битола денес се одржа трибина насловена „Грижата за Хераклеја Линкестис денес – гаранција за утре“, која ја отвори директорката на битолскиот Завод и музеј Мери Стојановска и при тоа рече дека статусот на заштитено културно добро кој го има  локалитетот Хераклеја Линкестис е дел од прославата на Европските денови на културното наследство кои во Македонија се одбележуваат преку различни настани од 1996 година.-Заводот и музеј од Битола во прославата на Европските денови на културното наследство се вклучува во поголем број на манифестации од кои една е и денешната тринина. Таа е посветена на пошироката јавност и на запознавањето на што тоа подразбира режимот на заштита на самиот локалитет и е од интерес на сите граѓани, рече Стојановска.

На трибината зборуваа Енгин Насух, конзерватор од НУ Завод и Музеј-Битола, археологот Аница Ѓоргиевска и Данче Голубовска, претставник на Управата за заштита на културното наследство.

Енгин Насух, кој како уводничар на трибината ги запозна присутните со историјата на локалитетот  Хераклеја Линкестис и некои позначајни податоци за него, а за грижата за овој антички локалитет рече:-Грижата за Хераклеја Линкестис е константна, на високо ниво и секоја година, затоа што секојдневно на терен сме ние стручните лица. Со новиот Закон за заштита на спомениците на културата и со Законот за ревалоризација на постоечките споменици на културата, Хераклеја Линкестис го најде своето место во државата, но аналогно на тоа, државата се обврза да поведе посебна сметка за овој локалитет, во таа насока зборуваше и археологот Аница Ѓоргиевска која нагласи дека Хераклеја треба да се заштити за идните поколенија.

Претставник на Управата за заштита на културното наследство, Данче Голубовска, зборуваше и за легализацијата на довоградби околу Хераклеја.-Со замена на старото законско решение од 1974 година, и со донесување на новиот т.н. Закон за Хераклеја, се овозможува валоризација на културно историското наследство. Со новиот акт одредени се границите на локалитетот, контактната зона, категоријата на локалитетот и режимот на заштита кој е сеопфатен. Со ограничувањата повеќе не се дозволуваат легализација или доградба на бесправно изградените објекти, а на нивите не може да се вршат длабоки орања или прекопувања, односно обработка на земјиштето на длабочина до 40 сантиметри, рече Голубовска.

Сите говорници на денешната трибина нагласија дека новото законско решение овозможува поголема и поконкретна државна грижа за Хераклеја Линкестис.

More from КултураMore posts in Култура »