Книгата “International Relations and the European Union: Values before Power” претставува оригинално авторско дело на проф. д-р Горан Илиќ, Декан на Правниот факултет при Универзитетот “Св. Климент Охридски” од Битола. Книгата е напишана на англиски јазик, со цел обезбедување на што поголема достапност до читателската публика ширум светот.
Во својата содржина, таа ја третира улогата, статусот и природата на Европската унија во современите меѓународни односи, со посебен акцент на вредносниот корпус и потенцијал на Европската унија во однос на другите субјекти на светската политичка сцена. Во контекст на тоа, најпрво се прави операционализација и рационализација на природата на Европската унија, односно нејзината постмодерна детерминација и длабоко всаденото модерно јадро, составено од 27 суверени држави – членки. Исто така, во книгата се анализира и институционално – политичката архитектура на Лисабонскиот договор, посебно во делот на Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како и правните импликации на овој Договор за понатамошниот развој и трансформација на ЕУ во политичка унија. Следствено на тоа, се идентификуваат и клучните препреки со кои се соочува ЕУ, аспектирани низ призма на елитизмот и парохијализмот како клучни препреки во нејзиниот понатамошен развој како кохерентна и ефикасна политичка унија. Во таа смисла, се презентираат и можните развојни перспективи на евроинтегративниот процес во иднина, со посебен акцент на концептот “Avant-garde Europe”.
Во книгата се аспектира и статусот и улогата на ЕУ во однос на групацијата BRICS и нивниот екстерен и интерен вредносен капацитет, а во контекст на современиот либерален поредок, притоа земајќи ги во предвид и новите глобални девијации, односно подемот на популизмот и илиберализмот во Европа и светот. Веднаш после тоа, се анализираат и односите на ЕУ со Кина, посебно во делот на кинескиот “проект на векот”, олицетворен во “Појас и пат иницијативата”, третиран како процес на експанзија на кинеското влијание во глобален контекст. Поради тоа, се идентификуваат и анализираат расположливите (правни и политички) инструменти за одбрана на интересите на ЕУ во однос на кинескиот експанзионизам.
Во контекст на етаблирањето на ЕУ како актер во меѓународните односи, посебно внимание се посветува и на империјалното минато на нејзините држави – членки, дотолку повеќе што од 27 држави – членки на ЕУ, 10 од нив се поранешни колонијални империи. Оттука, се извлекуваат заклучоци за евентуалните можности за продлабочување на соработката со поранешните колонии (денес суверени држави) на државите – членки на ЕУ, но овој пат од име и за сметка на ЕУ, како своевидна можност за наметнување на европското влијание на еден кооперативен, пацифистички и конструктивен начин.
На крајот, во книгата се анализираат и проекциите на ЕУ околу креирањето на новиот, пост-американски меѓународен контекст, а во согласност со нејзиниот “идеолошки багаж” составен од вредностите на мултилатерализмот, регионализмот и институционалната креативност, како “заедница на вредности”, цврсто конституирана врз силата на правото, наместо врз правото на силата.
Рецензенти на книгата се Проф. д-р Дариус Милзарек од Универзитетот во Варшава (Полска) и Проф. д-р Иоан Хорга од Универзитетот во Орадеа (Романија).
Издавач на оваа книга е Правниот факултет при Универзитетот “Св. Климент Охридски” од Битола. Таа претставува прво дело од ваков тип во РС Македонија.






