Press "Enter" to skip to content

Денес е Иванден, денот на раѓањето на Свети Јован Крстител, ден кога цвеќето има магична моќ

-Иванден е еден од големите христијански празници, од летниот циклус, каде се слави раѓањето на Свети Јован Претеча и Крстител Господов и ден кога цвеќето има магична моќ, па затоа жените берат цвеќе што се вика Иваново цвеќе, од кое плетат венци и ги закачуваат на вратата за да ги штити од несреќа.

-Во Битола има манастир изграден во чест на овој светец и се наоѓа кај Германските гробишта над Битола.

Православната црква и нејзините верници денеска (7 јули) го слават Иванден, празникот на раѓањето на Јован Крстител. Водата добива посебна моќ, па сите се капат во реките, потоците и езерата, билките и тревите имаат засилени лековити дејства и затоа се берат и се плетат венци од нив како лек против болести.

Именден празнуваат: Иван, Иванка, Јанко, Јане, Јана…

Во македонската народна традиција овој празник е поврзан со летниот солстициј, односно со периодот на долгодневница. Овој празник во годишниот круг празници е симетричен на Божик, денот поврзан со зимскиот солстициј, односно со периодот на краткодневница.

Овие два празници ги поврзуваат и повеќе обичаи и верувања поврзани пред се со сонцето. Во таа насока се и обичаите и верувањата поврзани со огновите. Ритуалите со билките, исто така претставуваат еден од најважните елементи поврзани со Иванден, а тие пак исто така се остаток од старите словенски верувања.

Со Иванден се поврзани многу обичаи и верувања но најповеќе се однесуваат на билките и верувањето во нивната магиска моќ. Верувањето пак дека тој ден играло сонцето или дека се превртувало три пати е поврзано со тоа што Иванден се паѓа во најтоплиот период од годината.

На овој ден жените берат цвеќиња и плетат венци и ги закачуваат на вратата , според народното верување ова би требало да ги штити од несреќа.

Свети Јован е една од ретките личности во христијанската вера (покрај Исус Христос и Пресвета Богородица) кому Светата црква му посветила повеќе празници: Раѓање на св. Јован Крстител, (Иванден), Отсекување главата на свети Јован Крстител, Собор на свети Јован Крстител итн. 

Во времето кога според предвидувањето на старите пророци требало да се роди спасителот, Евреите биле под ропство на Римјаните. Во тоа време живеел еден чесен и побожен човек Захарија со својата жена Елисавета, веќе остареле, а немале деца, што во тоа време се сметало за божја казна и голема несреќа. И двајцата постојано го молеле Бога да им даде рожба и Бог ја слушнал нивната молитва. Еднаш кога Захарија во црквата се молел на Бога го слушнал гласот на ангелот Гаврил кој му рекол дека ќе добие син што ќе се вика Јован. Кога се родил синот според обичајот требало да го носи името на таткото, но кога Захарие го запрашале за името, тој рекол да се вика Јован и раскажал дека детето ќе биде пророк, што ќе оди пред спасителот и ќе му го подготвува патот.

Исус кога наполнил 30 години дошол на реката Јордан за да биде крстен. Јован кој дотогаш не го има видено, веднаш се сетил дека тој е Спасителот. Во почетокот Јован го одвраќа велејќи му: „Јас треба од тебе да бидам крстен, а ти при мене ли доаѓаш?“ Но кога Исус му рекол: „Остави го сега тоа зошто нам ни претстои да ја исполниме секоја правда“, Јован го крстил, во водата.

Јован постојано ги проповедал позитивните животни принципи, и жестоко ги критикувал неморалот, лагите, развратот кои во тоа време во Римската империја го достигнале својот врв. Поради тоа бил омразен меѓу римјаните и бил убиен кога Саломија, ќерката на Ирод ја побарала неговата глава на послужавник.

Манастирот, “Јован Крстител“ во Битола, беше посетен синоќа, а голем број на битолчани и денес ќе се искачат да запалат свеќа и да се помолат за здравје, поседни од жителите на Битола од овој ден на градот.

More from БитолаMore posts in Битола »
More from ВестиMore posts in Вести »