На летната сцена од амфитеатарот Тумбе кафе над Битола, на отворено, КУД “Илинден“ Битола се претстави со концерт кој е дел од јубилејна програма со која се прославува големиот јубилеј 65 години постоење.
КУД “Илинден“, кој сиве овие поминати години е горд чувар на традицијата, денес, во очи на одбележувањето на 65 годишнината од основањето е еден од водечките фолклорни ансамбли во нашата држава. КУД “Илинден“ денес е ансамбл учесник на над 150 меѓународни фолклорни фестивали низ целиот свет. КУД “Илинден“ денес е ансамбл добитник на врвни меѓународни признанија и добитник на највисокото општинско признание – наградата 4 ти ноември која ја доделува Општина Битола, рече во своето обраќање и говор Антонио Димитриевски претседател на КУД “Илинден“ – Битола пред присутните на јубилејниот конкцерт. Концертот на традиционална музика и игра се одржа на отворено по сите протоколи за организирање на вакви настани.
Оваа јубилејна програма е посветена на основачите на КУД “Илинден“ – Битола, кои ја започнаа оваа светла приказна пред 65 година, на публиката, до која, уште еднаш, во оваа корона криза, се доближаа преку видео и фото документацијата од настаните, како и на сите поранешни и актуелни членови на нашиот ансамбл, драги соработници, помагатели и поддржувачи. За жал заради здравствената криза предизвикана од вирусот Ковид 19, одбележувањето на овој значаен јубилеј е во прилагодена форма, согласно соодветните протоколи.
Синоќешниот концерт на традиционална музика и игра е дел од јубилејната програма за големиот јубилеј, кој покрај “он-лајн“ претставувањата и учеството на Републичкиот фестивал на народни песни и игри “Илинденски денови“, членовите на “Илинден“ се одлучија и за јубилејна програма овој месец, која е само дел од прославата 65 години КУД “Илинден“ Битола, која е сместена во месец август, месецот на патронот на “Илинден“. Јубилејот се одбележа и со ревија на народни носии и концерт на традиционална музика и игра.
Двата настани беа од полуотворен тип, заради здравствените протоколи и малиот капацитет на КЦ “Магаза“ каде ќе биде ревијата и на амфитеатарот на Тумбекафе каде се одржа концертот.
Концепцијата на концертот на традиционална музика и игра е на уметничкиот раководител Александар Стефановски, а реализацијата е во соработка со раководителот на оркестар Славе Наумовски, гардероберот Филип Јаковлевски, корепетиторите Николче Ангелковски и Никола Пецаковски и стручните соработници Валентин Соклевски и Љупка Стефановска. Извршен продуцент на јубилејната програма е Борче Димитровски, потпретседател на КУД “Илинден“.
Инаку, КУД “Илинден“ денес брои над 300 членови распоредени во детски, младински групи, оркестар, пејачка секција и главен фолклорен ансамбл под раководството на ансамблот, Антонијо Димитровски – претседател, Драги Филевски – потпретседател, Борче Димитровски – потпретседател, Александар Стефановски – уметнички раководител, Славе Наумовски – раководител на оркестар, Филип Јаковлевски, – гардеробер.
Корепетитори се Никола Ангелковски, Никола Пецаковски, Филип Стефановски, Александар Георгиевски, Давид Балтовски, Милена Марковска, Вера Соклевска и стручните соработници Валентин Соклевски, Љупка Стефановска. Двата настани како и многу концерти во изминатите години ги водеше Силвана Петрова-Насух, во свој препознатлиив стил со многу емоции и жар.
КУД “Илинден“ – Битола, денес, е ансамбл добитник на врвни меѓународни признанија од кои посебно мора да се издвојат Гран при во Монт-Дор, Франција (1971 година), Второ место во конкуренција на народни оркестри на меѓународен фестивал во Ланголен – В. Британија (1996), Второ место во конкуренција на изворен фолклор во Ланголен – В. Британија (1998), Сребрена секира на Меѓународниот фестивал во Закопане, Р. Полска (2008), Награда за најдобар оркестар на Меѓународниот фестивал Етновир во Лвив, Р. Украина (2009), Награда за најавтентична група на Меѓународниот фолклорен фестивал „Искеле” во Искеле –Р.Северен Кипар (2015), Втора награда од стручното жири на Меѓународниот фолклорен фестивал во Здунска Вола – Полска (2016).
Исто така добитник на бројни награди на најзначајните и реномирани републички фолклорни фестивали, Републичкиот фестивал на народни песни и игри “Илинденски денови“, Балканскиот фестивал во Охрид и на Фестивалот на народни инструменти “Пеце Атанасовски“ во Долнени.
-КУД “Илинден“ е ансамблот кој гордо го отвора најстариот и најзначаен фолклорен фестивал во Македонија, републичкиот фестивал на народни песни и игри “Илинденски денови“ во Битола, со изведбата на “Комитското“. Тука гордо ќе кажам дека низ сите овие години КУД “Илинден“ со “Комитското“ – симбол на непокорот на македонскиот народ, го означува отворен фестивалот на народни песни и игри “Илинденски денови“ кој се случува тука во Битола на кој доаѓаат ансамли и фолклорни групи од целот свет, рече претсдеателот Димитровски, кој додаде и:
-КУД “Илинден“ денес е ансамбл кој реализирал над 200 самостојни концерти низ целата држава, од кои покрај традиционалните годишни концерти во Битола,одржал самостојни концерти и во Скопје, Прилеп, Охрид… КУД “Илинден“ е ансамблот од кој произлегле бардовите на македонската народна песна, Јонче Христовски и Виолета Томовска и еден од основачите на Сојузот на фолклорни ансамбли на Република Македонија и редовен член од 1994 година.
КУД “Илинден“ е ансамбл избран за претставник на нашата држава на најзначајниот фоклорен настан – ФОКЛОРИЈАДАТА во Уфа, Русија, каде ќе учествува заедно со претставници на 80 држави од целиот свет. КУД “Илинден“ денес е ансамбл горд на својата историја, со светла иднина.
Жанета Ристевска











