Press "Enter" to skip to content

Интервју со тимот на ГАУС, заслужен за дигиталната реконструкција на Стариот театар во Битола

Деновиве во јавноста е актуелна 3D реконструкцијата на Стариот театар, која постарите битолчани ги врати назад во времето, а на помладите им овозможи да ја видат убавината на овој никогаш непрежален објект. Висококвалитетниот 3D модел, Ви овозможува да се прошетате низ Стариот театар и интерактивно да го истражувате. Доживувањето е и уште пореално, доколку користите очила за виртуелна реалност, со кои ќе имате чувство како да сте во минатото.

Покрај 3D реконструкциите на неколку значајни објекти, особено интересна е и презентацијата на поважните културно историски споменици во градот, во насока на подобрување на туристичката понуда.

Оваа веб апликација е развиена од ГАУС Институтот од Битола во рамките на проектот „Интерактивна и виртуелна презентација на културното наследство и кино – КИНОКУЛТУРА“ имплементиран од Општина Битола заедно со партнери од Грција, а финансиран од Европската унија. До проектот може да се пристапи на веб локацијата https://cineculture.online

На развојот на 3Д моделите, примената на технологии виртуелна реалност, развојот веб платформа, собирањето на податоците и сл., работеше тим од десетина експерти на ГАУС Институтот, предводен од проф. д-р Игор Неделковски, кој го запрашавме за предизвиците на изработката на овој проект, при што проф. Неделковски изјави:

-Виртуелната презентација на стариот театар, како и презентацијата на други значајни објекти поврзани со минатото на кино и театарската култура на Битола, е изработена тим од експерти кој со одушевување и чувство за голема одговорност ја прифати задачата. Задоволство ми беше да се соработува со ваков тим.

Jove Pargovski , Igor Nedelkovski
м-р Јове Парговски (лево), проф. д-р Игор Неделковски (десно)

Битола како град на почетокот на 20 век имала важно место на Балканскиот полуостров како трет град по големина, веднаш по Инстанбул и Солун. Во градот работеле фотографи и пред доаѓањето на Браќа Манаки, а во 1897 само две години по првата јавна филмска проекција во Париз, во еден од хотелите во Битола, неидентификувана брачна двојка од Италија, прикажувала краткометражни филмови. Театарот и киното играле важна улога во развојот на градот и ние во овој проект развивме и времеплов, преку кој сакавме да ги прикажеме дел од поважните настани и датуми од оваа сфера, со посебен акцент на активностите и текот на настаните поврзани со изградбата и рушењето на Стариот театар.

Дигиталната реконструкција на Стариот театар ни беше најголем предизвик во овој проект. Преку консултација и интервјуа со експерти и граѓани на Битола, обработка на стручна и техничка документација, се обезбедија сите неопходни предуслови за повторно „оживување“ и афирмација на овој никогаш не заборавен објект. Добиеното и презентираното техничко решение, во прв план обезбедува квалитетна техничка документација и траен белег за објектот, а можностите кои се отвораат за понатамошна експлоатација, се практично неограничени. Изработениот 3Д модел и апликација во виртуелна реалност ја отвораат можноста за нивно користење во насока на туристичка промоција, видео игри и филмска индустрија. А зошто да не и за физичка реконструкција на стариот театар во нов современ облик.

М-р Јове Парговски кој беше дел од тимот задолжен за собирање и дигитализација на историските податоци, околу предизвиците со кои се соочија ни изјави:

-Во процесот на собирање и дигитализација на историски податоци за театарската и кино културата ги консултиравме архивите на сите релевантни национални институции и приватни архиви (НУ Завод и музеј Битола Државен Архив на РСМ, Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола, Кинотека на РСМ, Приватен фонд од стари фотографии на Димче Најдов итн). За она што сметавме дека недостасува, одговорот го побаравме преку интервјуа со битолчани кои се сеќаваат на театарот и на некој начин биле вклучени во неговата работа или пак биле чести негови посетители. Успеавме да собереме богат фото и видео материјал за Стариот театар, меѓу кој и доста фотографии во боја, сепак истите беа со послаб квалитет и нереални бои, што го отежнуваше процесот на реконструкција. Во текот на истражувањата добивме информација дека по рушењето на театарот, столиците биле однесени во Домот на култура во село Цапари, но дека покасно биле фрлени и се трајно изгубени. На наша среќа, успеавме да лоцираме неколку од столиците, кои беа во релативно добра состојба, што покасно ни помогна и во процесот на моделирање, т.е. во калибрацијата и подесувањето на боите на 3Д моделот.

Но, не работевме само на стариот театар. На веб платформата се поставени 18 локации од Битола кои беа издвоени како најзначајни според студијата за туристичка валоризација на културното и националното наследство во прекуграничната област, исто така развиена во рамките на проектот КИНОКУЛТУРА. Главна цел на оваа активност е да му се обезбедат повеќе информации на потенцијалните посетители на регионот, за големиот број на културно историски споменици и природни реткости. Во насока на тоа од страна на експерти беа изработени текстови за секој објект и професионални фотографии, а за дел од објектите и 360 панорамски фотографии. За секоја локација има информации за пристапност, а иако не беше предвидено првично во проектот, беа изработени и аудио нарации и видеа на знаковен јазик.

Практично на овој начин Битола и регионот доби модерна веб платформа, изработена по најнови стандарди со функционалност идентична на веб апликација, која преку мобилниот телефон, може да се употребува како аудио водич за посетителите. Сите локации се геореференцирани, а доколку е овозможено, платформата ја има и локацијата на посетителот, па може и да го води до посакуваната дестинација.

Процесот на изработка на 3D моделите беше препуштен на младите и наградувани архитекти м-р Ивана Ѓоргиева и м-р Ангелинка Парговска, кои за предизвиците со кои се соочија при работата, ни изјавија:

-Виртуелното претставување на објектите од културното наследство ни нуди можност за зачувување на податоците за нив во дигитална форма за сегашните како и идните генерации. Со проектот “Cineculture – Interactive and virtual reconstruction of cultural heritage” потенцијалните туристи ќе може подобро да ги запознаат објектите од културното наследство на Битола, како и други објекти од исклучителна важност. Ни беше голем предизвик да работиме со мултидисциплинарен тим од професионалци од повеќе области на проект кој што е од големо значење за градот и развојот туризмот во Битола.

Angelinka Pargovska
м-р Ангелинка Парговска

Поради фактот дека се работи за објектот на Стариот народен театар во Битола, кој што бил назначен за културно наследство во еден период од неговото постоење, за 3Д моделирањето нашиот тим направи детално истражување. Користевме прецизни информации, односно: фотографии, видео и техничка документација, литература, како и мемории на корисниците на Стариот Народен театар.

м-р Ивана Ѓоргиева
м-р Ивана Ѓоргиева

Користевме неколку софтвери за 3Д моделирање и рендерирање. Најпрво, моделите беа нацртани во Archicad 23 и Sketchup, а фотореалистичните рендери, видео анимациите и панорамите беа направени во Lumion.

За крај останува само да Ви препорачаме само да го посетите веб порталот https://cineculture.online и да откриете повеќе за богатото минато и културно историско наследство на Битола.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from ИнтервјуMore posts in Интервју »
More from КултураMore posts in Култура »