Press "Enter" to skip to content

Матурантите денес го полагаат екстерниот испит кој сами го бираат

Матурантите од Битола, од сите средни училишта, денеска од 10 часот ќе го полагаат вториот екстерен испит за кој можеа да избираат меѓу предметите математика, странски јазик, филозофија и естетика.

Според податоците на Државниот испитен центар, тест по математика избрале 1.529 кандидати. Како и во минатите години, повеќе се определиле за странски јазик, а најголем број пријавени има за англиски (13.452). Германски јазик ќе полагаат 140, француски јазик 32, руски јазик 18.

Математика и странски јазик се избор за учениците од гимназиското и од стручното образование, додека за учениците во училиштата од уметностите – странски јазик е во алтернација со филозофија (во училиштата за ликовно образивание и има 14 пријавени) и со естетика (во училиштата за музичко образование и се пријавени 66 кандидати).

Според наставниот јазик, на македонски за испитот денеска се пријавени да полагаат 10.886 матуранти, на албански 4.134 и на турски наставен јазик 274.

Првиот екстерен испит – мајчин јазик, го полагаа во саботата. Тој беше задолжителен за сите 15.294 кандидати по македонски јазик и литература 10 848, албански јазик и литература 4078 и турски јазик и литература 272.

Резултатите од двата екстерни испита ќе бидат објавени на почетокот на јули, односно најдоцна 30 дена од последниот (вториот) екстерен испит.

Матурантите што нема да ја положат матурата во јуни или не во целост, ќе имаат втора можност во августовската сесија – термините се 11 август за првиот екстерен и 13 август за вториот екстерен испит.