Есента 1961 година Иво Андриќ ја добива Нобеловата награда за литература. Годинава се одбележува 60 години од добивањето на истата. По тој повод НУУБ„ Св. Климент Охридски“-Битола овој значаен јубилеј ќе го одбележи преку повеќе активности наменети како за читателите така и за библиотекарите кои Иво Андриќ високо ги ценеше.
Иво Андриќ e писател со силна имагинација, а истовремено и одличен познавач на историските услови на стара Босна, за којашто и најчесто пишувал. Основните карактеристики на неговите дела се префинетата психолошка анализа, длабокото понирање во суштинските проблеми на егзистенцијата и моќта со сугестивната магија на поетскиот збор да ја долови човечката и општествената панорама на изминатите векови. Користејќи ги народните преданија, легендите, историската фактографија, а пред се плодотворно богатство на својата фантазија и чувството за светот, Андриќ изгради монументално уметничко дело во книжевноста на оваа епоха.(Андриќ, И., Деца; 1998, стр.207)
Благодарение на големиот епски стил кој го поседувал во литературното изразување многу успешно опишувал теми од историјата на својата земја и судбината на луѓето од тие подрачја. Овој талент му ја носи Нобеловата награда за литература која му е доделена во 1961 година.
-Нобеловата награда ја сметам како огромно признание за целокупната книжевност во мојата земја, била реакцијата на Иво Андриќ, при добивањето на Нобеловата награда. Тој оваа награда ја добива за делото „ Мостот на Дрина“, како и за севкупно книжевно творештво.
Неговата најголема љубов бил пишаниот збор и читање, така што не нè изненадува неговата благородна постапка, наградата да ја подари на Босна и Херцеговина за развој на библиотекарството и подобрување на народните библиотеки низ земјата. Пишаните документи сведочат за негов исклучително богат живот, зборувал пет јазици, а пред почеток на Втората Светска Војна бил амбасадор во Германија. Во Југославија беше ценет како писател но и како човек кои што повеќе пати донирал во хуманитарни цели, особено во библиотеки. Со својот пример на скромен и повлечен човек и врвен писател имал големо влијание на средината.
„Секоја јавна библиотека е ризница на нашето општо добро наречено: книгата. Секој може да позајмува од библиотеката и затоа секој треба да придонесе во неа, а никој никогаш ништо да не земе од неа.“ По овој повод од 20.12. во холот на Библиотеката е поставена изложба на неговите дела на повеќе јазици. Изложбата ја подготвија: Маријан Колевски, Марија Марковска и м-р Гордана Ѓоргиевска-Неделковски.











