Изминува ротаријанската 2021/2022 година. Оваа ротаријанска година Ротари Клубот Битола Широк Сокак ја одбележа со бројни, успешно реализирани проекти. Владимир Христовски, заедно со својот тим покажаа што значи да се биде ротаријанец, несебично вложувајќи се при реализацијата на сите предвидени активности.
Во ротаријанската 2021/2022 година беа реализирани: 11 проекти, повеќекратни хуманитарни акции за донирање на ковалесцентна плазма, 4 донации, 7 отворени трибини, бројни клубски активности, потпишани меморандуми за соработка и промоција на клубот. Ваквите активности на Ротари Клубот Битола Широк Сокак резултираа со признанија за најголеми достигнувања. Меѓу признанијата, најголемото признание беше Златно признание од Дистриктот 1912 (Словенија, Северна Македонија) за најдобар Ротари Клуб со најголем број активности и најуспешен клуб во ротаријанската 2021/2022 година.
Исто така, Сојузот на Ротари Клубовите од Македонија, Ротари Дистрикт 1912 им додели и признанија за организирање нов клуб, истакнат ротаријанец за особени активности и личен придонес, клуб со најголем број активности во соработка со заедницата. Сите овие признанија го покажаа несебичното вложување на знаењето во насока на позитивни промени во заедницата. Покажаа дека ротаријанството значи одговорност, посветеност, преземање иницијативи за подобро утре.Во пријатна атмосфера во винаријата “Чифлик“, Владимир Христовски, ја предаде претседателската функција за ротаријанската 2022/2023 година на Билјана Врцал Ванчевска.
Билјана Врцал Ванчевска, дипл. забен техничар и сопственик на ПЗУ Заботехничка лабораторија Лаб Про Дентал-Битола, со задоволство ја зазеде лидерската позиција на Ротари Клубот Битола Широк Сокак, истакнувајќи дека доследно ќе ја следи мисијата на Ротари, продолжувајќи ги тековните и идните проекти. На овој значаен настан за ротаријанците, на најистакнатите членови и компании им беа доделени благодарници за поддршката и покажаната активност.
Исто така, Билјана Врцал Ванчевска го промовираше својот тим: Моника Марковска, потпреседател, Александар Георгиев, секретар и Владимир Таневски, трезорист.
Досегашната работа и постигнувања ќе бидат големо охрабрување но, и голема одговорност за новото раководство. Ротаријанците се волонтери на својата заедница и сакаат да придонесат на доброто на сите. И оваа ротаријанска 2022/2023 година, ќе се реализираат проекти во областите: превенција / разрешување на мирот и конфликти, превенција и третман на болести, вода и канализација, здравје на мајките и децата, основно образование и писменост и економски и развој на заедницата.
Споделувањето добра мисла и хуманост претставува највисока етика на денешното живеење. Филозофијата на Ротари содржана во основното мото: „Служба над сопствените интереси“ во себе го содржи најголемиот мотиватор за Ротари Клубот Битола Широк Сокак.