“Од корените до цветот“ – мотото на 52. издание на Фестивалот на народни игри и песни “Илинденски денови“ кој на 18 јули започнува во Битола и ќе трае цели 12 денови. Со најобемна програма досега, која за прв пат вклучува и Интернационален фестивал на етно филмови, па ќе следуваат работилници, изложби и стручен симпозиум кои ќе бидат убав вовед во фестивалските вечери, кои повторно со големото дефиле по улиците на Битола стартуваат на 26 и ќе завршат на 30 јули, испланирани се до детал сите фестивалски денови кои на едно место ќе соберат над 1.000 учесници.-Оваа година започнуваме порано, а поводот е навистина посебен. Иницијативата во рамките на фестивалот да заживее и филмот како медиум, ја реализиравме и од годинава Илинденски денови се и организатори на Интернационалниот етнографски филмски фестивал, кој носи 11 филмски наслови од кои 6 се долгометражни. Селектор на фестивалот е познатиот македонски новинар кој живее во Франција, Тони Гламчевски и кој заедно со својата сопруга таму организираат фестивал кој ги надмина нивните национални граници. Оттука и сериозноста на овој проект, кој со таа поддршка оттаму, дава сериозни намери и за локалната домашна филмска продукција да го негува етно жанрот, зошто конечно истиот добива свој фестивал кај нас, истакна Маја Андоновска Илијевски на денешниот прес по повод 52 издание на “Илинденски денови“.
Гости од Шпанија, Мексико, Колумбија, САД, Полска, Италија, Србија и десетици домашни ансамбли ќе го донесат националниот фолклор низ улиците на Битола, под светлата на фестивалските сцени кои годинава ќе ги има и на стари и познати, но и на некои сосем нови локации. Овој фестивал, кој пред неколку години се стекна со ЦИОФФ цертификат, при што се вброи во елитната листа на најдобри светски фестивали на фолклор не е случајно толку познат и признат ширум светот.
-Ако во 1971 година идејата беше револуционерна за фестивалот, оттогаш до денес фестивалот има еволутивен тек и зад него стојат генерации на луѓе кои вградиле многу. Овој фестивал не е само фестивал во традиционална смисла на зборот, каде што некои мислат дека ќе дојдат, ќе заиграат и ќе заминат, овој е фестивал кој чува и поттикнува на истражување, инспирира, креира и создава нови вредности. Заради сето тоа денешната слика на фестивалот е прекрасен мозаик од традиција, која потекнува од корените и од цветовите кои што ги сочинуваат креативноста и луѓето од овој фестивал, изјави за новинарите Валентин Соклевски, програмски селектор на фестивалот.
На фестивалот покрај надалеку познатото дефиле „Со песни и игри по битолските улици„ кое градот го претвора во една голема отворена сцена со илјада учесници, и стартот на концертна програма кој го означува домашниот ансамбл “Илинден“ со изведба на „Комитското„ денес беа најавени и концертите на Влатко Стефановски и Танец, танцовиот перформанс Популус на Филип Петковски, мултимедијалниот проект за градската култура на ансамблот “Македонија“ како и за прв пат вклучувањето на битолската коњаница „Галоп„ која ќе го помине Широк Сокак станувајќи дел од овој фестивал.
Илинденски денови е фестивал поддржан од Министерството за култура и Општина Битола во рамките на битолското културно лето “Бит фест“.