Кога пред 40 години татко ми ми кажуваше дека од Битола со точак “Партизан“ во 70 години на минатиот век, одел редовно во Лерин, Грција, да купи нешто за дома, или подалеку да купи кожен “џакет“, мене како на дете тоа ми изгледаше невозможна мисија. Од тогаш во мене беше таа детска идеја да видам како е да се направи тоа со точак, да се вози 70 километри и повеќе, да се помине граница со точак, да се стигне до Лерин и назад. Поминаа доста години, а тоа не го направив, а летово поттикнат од некои “слики“ на социјалните мрежи на некои битолчани ми ја врати идејата.Екипата која редовно рекреираме со “точак“ засилена со “Американецот“ Горан, тргнавме наутро во 7 часот кон Лерин. По малите дефекти по патот – скината гума, царинските процедури на двете граници за помалку од 2 часа бевме во Лерин, и го пиевме утринското кафе, покрај реката.
За оваа идеја и реализација Горан Чобановски, битолчанец кој живее и работи во Чикаго, пиејки го “фрапето“ ни рече:
-Редовно возам велосипед во Америка, а и тука кога доаѓам на одмор. Сум возел на многу релации, но ова што го поминавме денес, од Битола до Лерин, ќе ми биде можеби највредното возење, ново искуство. Поминавме по стариот пат до Лерин во Грција, и ми се вратија многу спомени, кога со моите родители, доаѓавме тука, тука, купувавме, ги “криевме“ пердињата, кафето од цариниците, гу купивме првите лименки кока-кола и спрајт, кога имаше посебни цени “за југословене“… Сигурно ќе го повторам возењето, додека сум тука.
Кире Грбевски професор по физичко воспитување во Горната Гимназија, за ова возење до Лерин, за должината и тежината вели:
-Должината е голема, 70 километри не се малку посебно за оние кои возат велосипед како нас рекреативно, а додека за оние кои се малку попрофесионални тоа не е ништо. Прво е безбедна патека, посебно во грчкиот дел каде има многу малку сообраќај по стариот пат, од граница до Лерин, а и кај нас мора со поголемо внимание да се вози. Теренот не е многу тежок, нема некои големи угорнини, малку е потешко на враќање од граница до Битола. Но пак ќе повторам дека воопшто не е лесно да се поминат 70 и повеќе километри, во лето. Сакам да упатам апел да се вози рано наутро, а оние кои немаат многу кондиција и квалитетни велосипеди да прават паузи, бидејќи најголем дел од патот се поминува по сонце.
Неодамна група од шест битолчани, рекреативци, беа во Лерин, како рекоа на гиро и пиво, а за нивната авантура Димитар Триста, кој ја поттикна иницијативата вели:
-Возиме “точак“ но како рекретативци и тоа не многу. Но, ете јас, Чуната, Татаро, Циздата… се одлучивме и не згрешивме што возевме и стигнавме до Лерин. Не е лесно во секој случај, но едно големо искуство и доживување. Сигурно пак ќе возиме, на кафе, гиро и пиво во Лерин. Имаме најави да ни приклучат и други, и ќе биде интересно.
До Лерин вози и битолчанецот Бојан Јовановски, но тој тоа го прави на повисоко ниво, со професионален велосипед, со соодветна опрема за тоа.
-Убава патека со пристојна должина и со добра тежина од 70 километри. Јас се занимавав со велосипедизам и со професионален велосипед за овие патеки не ми е тешко да ги поминам овие километри. Но, оние кои возат со “планински“ велосипеди малку им е потешко, но со паузи и без многу форсирање ќе пијат кафе и јадат гиро во Лерин.Но, овие наши согражани кои ги раскажаа своите искуства до Лерин и назад не се единствените кои го прават ова. Ги има секојден, а сигирно кога ќе намалат горештините ќе ги има се повеќе.
С.Ристевски