Иако сме во економска криза Синдикатот на РЕК “Битола“ останува на определбата да ги подобрува условите за работа на вработените, но и да излегува во пресрет на барањата кои се упатуваат на нивна адреса. Претседателот Менде Фидановски во таа насока вели:
-Иако работиме во состојба на економска криза, ние остануваме на определбата да ги подобруваме условите за работа на нашите членови. Да почнеме од актуелното за овој период од годината. Се трудиме вработените, посебно на работните места каде се работи на високи температури, да имаат подобри услови за работа со поставување на клима уреди, како и дистрибиција на поголеми количини на вода. Јас како поранешен вработен токму на тие позиции, изложени на жештина и прашина во лето, кал и тешко стигнување на работното место во зима, секако, со мојот тим се трудиме да и излеземе безусловно во пресрет на барањата на тие работници.
За барањата кои се однесуваат на потреби на работниците надвор од кругот на комбинатот додава:
– Што се однесува, пак, до барањата за помош по разни основи кои до нас пристигнуваат, морам да потенцирам, во голем број, ги решаваме со давање на наповратна и повратна помош. Тоа се средства кои се наменети за различни потреби на нашите вработени, најмногу поврзани со лекување. Тоа е редовна практика и постапка во Синдикатот, но имаме и барања кои се несекојдневни. Така би споменал дека сега реагиравме со доделување на неповратна помош, на наш вработен на кого му беше опожарена куќата за што претходно информиравме, а донесена е одлука да му помогнеме и со купување и на дел од покуќнината. Би сакал да споменам дека Синдикатот помага и надвор од РЕК “Битола“, бидејќи АД ЕСМ е општествено одговорна компанија и ние ја следиме таа определба. Така, помагаме на голем број на разни здруженија на граѓани, организации, спортисти, спортски клубови… Купуваме за нашите вработени влезници за спортски и културни настани, па така помагаме на клубовите и организаторите, но и го подобруваме социјалниот живот на нашите вработени.Последниот период актуелни се поскапувањата, посебно на нафтените деривати. Како региравте на постапувањето на превозот за вработените да стигнат до работните места?
-Точно, поради поскапувањето на нафтата и бензините поскапе и превозот. Ние преку Синдикатот на ЕСМ, испративме барање за парична помош од ЕСМ. Управниот одбор на компанијата ни додели средства, наменети за амортизирање на поскапувањето. Па така сега иако е поскапен превозот од страна на превозниците, работниците кои со автобус доаѓаат на работа плаќаат иста цена, како пред поскапувањето, што е поздравено од нивна страна.
На 28 го прославувате Денот на рударите, како планирате да го одбележите?
-Денот на рударите е голем настан за рударите во рудниците во РЕК “Битола“, но во одбележувањето се приклучуваат и останатите вработените во подружницата. Еден од настаните со кои го одбележуваме Денот на рударите е организирањето на спортските натпревари. И сами сте сведоци како се одбележуваа до пред три години, со големи спортски игри на кои учествуваат сите вработени од ЕСМ. Но, поради ковид кризата и протоколите за одржување на вакви настани, две години синдикалните игри воопшто не се одржаа. Годинава поради економската криза, а и поради зголемувањето на бројките на заболени од ковид-19 игрите ќе ги организираме, но со намален обем и учесници. Ќе имаме спортски игри само за вработените во РЕК “Битола“ кои ќе ги започнеме на 8 август, но во помал број спортски дисциплини. Победниците ќе добијат пригодни награди кои ќе ги обезбеди Синдикатот. Исто така, по повод Денот на рударите, Синдикатот на РЕК парично ќе награди и неколкумина наши колеги кои постигнале значајни резултати во својата работа.
Вработените учествуваат и во сите акции за поздрава средина.
-Ние како Синдикат одлучивме прво да го средиме нашиот двор, а потоа и другото. Сега имаме уреден парк пред нашите канцеларии, но ние како вработени во синдикатот заедно со сите вработени учествуваме во сите акции за уредување на нашата околина. Без разлика дали се работи за акции за пошумување или чистење сите сме вклучени. Уредувањето на околината е дел од создавањето на здрава работна средина и затоа ќе продолжиме и во иднина да работиме на тоа.