Press "Enter" to skip to content

Денес се навршуваат 31 година од прогласувањето независна држава Македонија

Македонија денеска го празнува 8 Септември, Денот на независноста. Пред 31 година беше одржан референдум на кој 95 отсто од излезените 75,7 проценти од граѓаните со право на глас, се изјаснија за независна држава.

На овој ден од плоштадот “Македонија“ во Скопје, беше прогласено дека Република Македонија е независна и суверена држава.

На овој пресвртен ден во историјата на Македонија му претходеше  Декларацијата за независност усвоена од првото повеќепартиско македонско Собрание. Во јануари 1991 година пратениците го избраа Киро Глигоров за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија.

Државноста на 17 ноември таа година беше утврдена со усвојувањето на Устав на Република Македонија, државата и монетарно се осамостои со воведувањето на денарот на 26 април 1992, како и со формирањето на вооружение сили.

Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година, кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации државата беше примена како 181. полноправна членка на Светската организација под привремената референца Поранешна Југословенска Република Македонија. Причина за тоа беше противењето од стрна на Грција на употребата на уставното име. 

По децениски преговори во 2018 година со Преспанскиот договор Република Македонија го промени името во Република Северна Македонија, со што во заборав замина референцата ПЈРМ, а новото име стана задолжително за надворешна употреба, но и за внатрешна употреба за официјални личности, официјални документи и за државните институции.

Во март 2020 година Македонија стана членка на НАТО.  Но, сега Македонија е на ново искушение бидејќи патот кон ЕУ го блокира Бугарија.

More from ВестиMore posts in Вести »