Кошаркарскиот клуб Пелистер се огласи со соопштение по натпреварот против Гостивар, во кое посочи дека е незадоволен од делителите на правдата, исто така тврди и дека имало нерегуларности во организацијата, во кое се вели:
-КК Пелистер ја известува јавноста дека делегирањето на судиите на натпреварот од првото коло на кошаркарскиот шампионат на Македонија меѓу Гостивар и Пелистер не кореспондира на епитетот дерби на колото. Со својот критериум судиите директно влијаеја на текот на натпреварот и конечниот резултат.
Исто така апелираме да се преземат мерки кон многубројните неофицијални лица кои беа присутни во салата, иако натпреварот требаше да се игра пред празни трибини и без присуство на гледачи. Присутните не само што го следеа натпреварот, туку и навиваа и дофрлаа.
Исто така отворено прашуваме зошто претседателот на КК Гостивар, кој е и претседател на Здружението на клубови, постојано ја навредуваше нашата екипа и претставници, што се случува по вторпат годинава. По сите овие постапки можеме да заклучиме дека КК Гостивар има свој проблем само со нашиот клуб, велат од таборот на битолчани.









