Press "Enter" to skip to content

Во петок, во пазар, урбани приказни со Кекело… На шо ти личам јас?

Имаше и има, кафичи и кафани во Битола. Некои кафичи не држеа ракија, пошто, нели, не се кафани. И кафаните не држеа туѓи странски пијачки. Се знае редот. Во кафана (треба да) се оди на јадење, салата со ракија и главно јадење со пиво или вино. Соодветно на тоа беа и гостите, ако се за пиење – во кафич, ако си за јадење, в кафана. Толку. Пиеш или јадиш и заминваш по обврските.

Добро, рака на срце, имаше и викенд движења, од кафич во  кафана, ќе се стемни, од кафаната пак во кафичи до шес сато сабајле другио ден, па (нормално) на чорба во кафана, па …. пак одново, кој колку можи да издржи. Маратон или Полумаратон.

Имаше еден локал, кој беше некако хибрид, и кафич и кафана. Ама немаше таму “све од скара“, туку храна како специјалитети, во мала количина, најпоќе за мезе служеше јадењето.

Од таму поуката кон некој лаком на маса: Море, не е за најаска ова, за мезе е. Ако ти се јади, ој в кафана јади.

Е во тој хибридниот локал, ни кафич ни кафана, влегва еден кај 11 сато дење и седнува на една од трите маси во дворчето пред локалот. Иди газдата и го прашва

-Абе кај си ти? Немаш бааги време дојдено. Шо ќе пијеш?

-Дај ми едно виски, ама дупло со две коцки мраз, да се олабам малку, од саба-саба обврски.

Го гледа газдата зачудено:

-Какво виски? Ние ни држиме ни служиме виски. Од ко постои локало. Шо ти е тебе, арен си?

-НЕМАШ виски !!! уште позачудено вели гостино.

Газдата заминва и преку рамо му вели:

-Кафе ќе ти дојсам, а ти размисли шо ќе пиеш. Виски немам.

Станва гостино и право во продавницата во близина. Се враќа со шише Џони Вокер, нуласедум литри. Му го дава на газдата внатре и му вели:

-Еве сега имаш виски, тури дупло со две коцки мраз. И седнува на масичката

Му носи газдата, ама со молчење.

Го пие и му вели

-Дојси набрзина уште едно, дупло со мраз, оти имам уште обврски

Му носи и го испива, и му довикнува на газдата внатре:

-Уште едно дупло и бегам, важи?

И тоа го испива.

-Колку треба да платам?

Го гледа газдата бледо и му кажва цена за едно виски како за дупла ракија. Вади гостино пари, остава на маса и на заминвање му вели:

-Еве пари и бакшиш остајв. Ај чао.

-Еееееј… Кај ојш! А шишето виски?

-Со отворено шише виски да шетам низ Битола??? На шо ти личам, бе, јас, а?

More from БитолаMore posts in Битола »
More from ВестиMore posts in Вести »