Press "Enter" to skip to content

“На отворено море“ од Мрожек во режија на Благој Мицевски прва премиера на НТБ годинава

Првата премиера во оваа театарска сезона на Народниот театар од Битола е познатото дело на полскиот автор Славомир Мрожек “На отворено море“ во режија на Благој Мицевски, што ќе биде изведена утре на малата сцена.

-Се очекува долг живот на оваа претстава која од почетокот  предизвикува голем интерес кај публиката ,пред се заради актуелноста на темата и добрата актерска игра на изведувачите – рече на средбата со новинарите на денешниот прес,  Иван Јерчиќ директор на НТБ.Инаку во претставата “На отворено море“ улогите ги толкуваат петмина актери, тројца патници – “бродоломци“, Марјан Георгиевски, Никола Пројчевски и Живко Борисовски, како и Васко Мавровски и Петар Спировски кои се во улога на батлери.

Во оваа пиеса која е класично дело на Театарот на апсурдот, претставен е инстинктот за преживување на бродоломците соочени со елементарната егзистенција, поточно, гладот за храна, на кој се накалемува гладот за власт и доминација!Во името на актерската екипа, со извесни апсурдни поенти од претставата  се осврна актерот Никола Пројчевски кој заедно со режисерот Благоја Мицевски се задржаа на прашањата, како да  се одржат позитивните карактеристики на човекот во вонредни околности и услови на бродолом.

Во комплетирањето на претставата учествуваат драматургот Оливера Павловиќ, а режисерот Благоја Мицевски се појавува и како костимограф. Сценографијата е на Валентин Светозарев, музиката на Александар Димовски, а светлото и видеопроекциите се на Игор Мицевски, односно на Владимир Переловски.

Со оглед дека просторните услови на малата сцена овозможуваат само 80 седишта, веќе билетите за публиката се распродадени и  за премиерата и за репризата.

Д.Р.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »