Press "Enter" to skip to content

Сефедин Бајрамов со нова песна “Секој крај е почеток нов“ промоција на 28 мај

-Најново во периодот кој следи, поточно на 28 мај на “Ју туб“ каналот, ја промовирам мојата нова музичка нумера насловена “Секој крај е почеток нов“. За жал малку се одложи промоцијата од оправдани причини бидејќи јас сум во Битола, а авторот на музиката и аранжер е нашиот познат млад и надежен музичат кој живее  работи во Сиднеј, Австралија, Петар Јованов, по потекло од Битола. Додека ги синхронизиравме работите, малку се издолжи, но на крајот направивме навистина убав производ во кој се вклучени и останати колеги музичари Зоран Крагуевски познатиот кларинетист, Горан Димитровски кој свири гитара. На крај морам да го споменам мојот пријател Валентин Соклевски кој го напиша текстот. Песната е снимена во студио “Анстасија“, уште на самиот разговор за новата песна, ни рече Сефедин Бајрамов, со ентузијам и енергија, која ја приметуваме секогаш кога снима песна и кога и тој како останатите ја очекува промоцијата на новото “музичко чедо“, за кое кратко ни додаде:

-Прифатлива песна која сигурно ќе наиде на добар прием кај фановите на мојата музика.

За соработката со Петар Јованов, Сефедин додава: 

-Соработката со Петар Јованов датира од многу одамна бидејќи сум во блиски односи со неговото семејство кое е од Битола, и многу наврати кога патувам во Австралија соработувам на музиичко поле со него. Се роди идејата да направиме една компизиција, Петар изрази желба, јас ја прифатив и навистина на задоволство на двајцата направивме една музичка нумера, која се надевам дека ќе се слуша со задоволство.А каде популарниот Сефко битолчани ќе го слушаат ова лето тој вели:

-Плановите за ова лето се сведоа само на два-три значајни настани, поточно отпадна идејата за гостувам на повеќе места бидејќи направив договор за настапи во прекрасниот ресторан во хотел “Гранд“, ресторанот се вика “Елисиум“, каде ќе ги пречекаме нашите сограѓани од странство кои моментно се веќе дојдени или се подготвуваат да доаѓаат во својот роден град. Ќе настапувам секој викенд, а битолчани ќе имаат прилика да уживаат во прекрасен амбиент, прекрасна услуга и одличен квалитет на храната, и секако да слушаат одбрана и квалитетна музика.Сефедин  Бајрамов ова лето ќе настапи на “Серенада“ а тој фестивал вели дека го радува тоа што повторно ќе се одржи.

-“Серенада“ е еден настан на кој моето појавување ми причинува задоволство, а мислам дека одржувањето оваа година се радуваат сите музички работници и љубители на убавата стара серенада во Битола и пошироко. На 24 август во Офицерски дом во живо ќе настапиме. Јас добив песна од нашиот сограѓанин кој ја гради музичката кариера во Риека, Хрватска, Давор Нечак, кој направи одлична песна посветена на Битола, која со нетрпение ја чекам да ја изведам пред битолската музичка јавност, вели Сефедин, кој за крај ни рече:

-Во врска со одбележувањето на мојот голем јубилеј, 50 години музичка кариера подготвуваме концерт со мојата пријателка Билјана Дамјановска, но за тоа како ќе изгледа и други детали ќе кажам во друга прилика.

Ж.Ристевска

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »