Press "Enter" to skip to content

Изложбата на уметничка фотографија “Импровизации“ на Глигор Кондовски во Битола

Младински културен центар – Битола (МКЦ-Битола) во рамките на проектот “Урбана“ Агенда денес ја отвори изложбата на уметничка фотографија „Импровизации“ на Глигор Кондовски. Изложбата е поставена во кафе барот Порта Џез во Битола и публиката ќе може да ја посети во наредните денови.

Фотографиите се сценски фотографии во вид на комбинирано спојување помеѓу визуелна и аудитивна (музичка) импровизација специфична за џез музиката. Фотографиите се направени од фестивалите: ПМГ Рекордингс и Крај Вардарот Џез.Во својот најнов фотографски опус, реномираниот режисер и фотограф Глигор Кондовски приоѓа апстрактно. Изнаоѓајки визуелни решенија надвор од границите на дотогашните индивидуални и глобални фотографски тенденции, тој ги поместува своите внатрешни граници и ја ослободува вештата рака. Во таа целосна слобода и предаденост во самиот чин на фотографирање, флуидноста на уметничкиот момент го носи во најсовремен фотографски израз. Фотографијата не е повеќе фотографија, таа е цртеж и слика. Преодот на ова високо фотографско ниво е свесно обмислен, а не просто-интуитивен, иако неговиот фотографски инстинкт никогаш не може да го излаже.

Изложбата е посветена на мултимедијалниот македонски уметник, продуцент и автор Мирко Попов (1972 – 2024). Проектот на МКЦ-Битола, Урбана Агенда – поддршка на независната културна сцена е финансиран од Швајцарската Амбасада во Скопје.

More from КултураMore posts in Култура »