Press "Enter" to skip to content

Ален Рустемов со финансиска поддршка од 300.000 денари и понуда за вработување во Општина Битола

Младиот Ален Рустемов, кој со своите 20 години бележи големи боксерски успеси, со високи резултати ја заврши и изминатата 2024 година, гордо веејќи го македонското знаме. Имајќи ја предвид неговата исклучителна талентираност, спортска подготвеност и издржливост, наградена со многу медали и признанија, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, одржа состанок со Рустемов на кој беше направена кратка ретроспектива на досегашните достигнувања, но се потенцираа и идните планови, како и поддршката од општината.

Градоначалникот Коњановски, му честита на Рустемов за неговите достигнувања и нагласи дека општината веќе е подготвена да обезбеди поддршка за неговиот личен напредок, но и соодветни услови за тренинзи на сите оние кои сакаат да се занимаваат со овој спорт. Поддршката на Ален Рустемов, во износ од 300.000 денари, беше планирана во буџетот на општината за 2025 година, а за доделување на истата, денес беше донесена одлука од страна на Комисијата за спорт.

Покрај финансиската поддршка од општина Битола, градоначалникот Коњановски го информираше Рустемов дека, општината на врвот на своите приоритети ја стави и изградбата на боксерската сала, за што веќе се обезбедени финансиски средства, во рамките на 16 те проекти со кои аплицираше локалната самоуправа и ќе бидат поддржани од Владата на Република Македонија. Тоа ќе биде место за тренинг и подготовка на битолските и македонските боксери и ќе биде изграден на просторот на стариот боксерски клуб, веднаш до стадионот „Петар Милошевски“.

Градоначалникот Коњановски, нагласи и дека ваквите млади таленти, не само што треба да добијат поддршка, туку и активно треба да бидат вклучени во планирањето и реализацијата на спортските активности и програми. Токму затоа, Ален Рустемов, доби предлог од градоначалникот да биде вработен во општина Битола, како лице со обврски и задолженија во спортските објекти со кои управува општината.