На Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, студентите имаат можност за активно учество во создавање модерна и ангажирана академска заедница.
Нивните приказни се инспиративни и претставуваат вистински доказ дека УКЛО е многу повеќе од место за стекнување знаење – тоа е живо и поттикнувачко опкружување каде талентот, идеите и ангажманот се препознаваат и поддржуваат.
Во текот на академската година, студентите од сите студиски циклуси се вклучуваат во низа активности, проекти и иницијативи, меѓу нив и европските перспективи со учеството во Алијансата КОЛОРС https://uklo.edu.mk/colours/.
Покрај ова, УКЛО се гордее со уште една своја предност што се остварува преку концептот – УКЛО таленти. Станува збор за студенти кои се истакнуваат, кои добиваат финансиска поддршка и стипендии уште за време на студиите, можност да станат тутори или асистенти, да добијат менторска поддршка од наставен кадар, вклучување во научно-истражувачки тимови, поддршка за личен и професионален развој. https://uklo.edu.mk/wp- content/uploads/2022/05/PRAVILNIK-ZA- NADARENI-I-TALENTIRANI.pdf
Ангажирани во креирање содржини, истражувачки иницијативи, медиумски проекти, рекреативни настани и други забавни содржини, тие активно го градат својот личен и професионален развој.

„Студирањето на УКЛО е поглавје што создава кариерен темел, но и лично оформување – поткрепено и поддржано од големи луѓе. Ништо не може да се спореди со тоа кога знаете дека некој верува во вас, а тоа е најсилен мотив,“ споделува Ева Нешкоска, демонстратор на студиската програма Македонски јазик и книжевност на Педагошкиот факултет – Битола, воедно студентка на втор циклус студии, која активно се вклучува во работилници и настани насочени кон развој на заедницата.
Катерина Стојкоска, демонстратор на отсекот за графичко инженерство и дизајн на Техничкиот факултет – Битола и технички уредник на гласилата Студентски магазин УКЛО КОЛОРС https://uklo.edu.mk/studentski-magazin-uklo-colours/ и Универзитетски глас, ја гледа својата универзитетска приказна како спој од академски напредок и истражувачка љубопитност: „Континуитетот и трудот се клучни за успех. УКЛО ми овозможи средина каде мојата посветеност беше препознаена и насочена во вистинска насока.“
Меѓу талентите на УКЛО е и Тамара Тасевска од Економскиот факултет – Прилеп, која споделува пријатно и мотивирачко искуство – зошто младите луѓе би го избрале УКЛО?
„Ако се двоумите на кој универзитет да студирате, тогаш можеби УКЛО е вашиот правилен избор. Зошто? Затоа што наставничкиот кадар на сите факултети при УКЛО е, како ретко каде, целосно посветен на квалитетното академско образование на своите студенти. Затоа што Универзитетот има соработка со голем број фирми и компании кои нудат не само практична работа во текот на студирањето, туку и вработувања за најдобрите. Затоа што УКЛО нуди можност за студирање еден цел семестар или една цела година во странство во текот на студиите, што претставува одлична можност која не треба да се пропушти. Затоа што… има уште многу причини, за кои можат да посведочат сите сегашни и поранешни студенти“.
Впечатоците на овие млади луѓе зборуваат за високото ниво на поддршка што УКЛО го нуди. Универзитетот гради силна врска помеѓу академското знаење и практичната примена, мотивирајќи ги младите да го искористат својот полн потенцијал, особено што поддршката од академскиот кадар, како и отвореноста за студентски иницијативи, се меѓу најсилните страни на УКЛО.






