Press "Enter" to skip to content

ЗА ПРВ ПАТ: фан зона, Гарабаја со победа во Битола, Калин со 5 месеци на ракомет, легендарниот Лино Червар на трибини

Синоќа во Битола се одигра првиот натпревар од групната фаза на ракометната Лига на шампиони, салата “Боро Чурлевски“ беше исполнета до последно место, а така ќе биде и во наредните осум натпревари кои ќе можат да ги гледаат битолчани, односно уште осум големи ракометни европски екипи, великани на ракометот.Првиот натпревар го одбележаа и неколки работи кои за прв пат се случуваат во Битола, покрај тоа што за прв пат во прво коло од ЛШ победува и стартуваме со бодови.По подолго време пред почетокот на натпреварот на платото пред спортската сала беше организирана фан зона, каде љубителите на ракометот имаа прилика да се “соберат“ заедно да влезат, да се дружат со пиво од “Училница“ и сендвич од “Конец“ а во позадина да служаат музика и популарно навивачки песни, а сето тоа за “кревање“ на атмосферата.Секако тука беше и штандот за купување на дел од спортската опрема на Еурофарм Пелистер, дресови, дуксери и шалови.Овој натпревар беше и прв натпревар на шпанскиот тренер на Еурофарм Пелистер, Гарабаја, кој имаше прилика да почуствува атмосферата во салата и да се увери во тоа што му кажувале, дека Битола е единствена во тој поглед, а тоа тој и го потврди на пресот после натпреварот, на кој рече:-Многу луѓе ми зборуваа за атмосферата тука, ама додека не ја почувствуваш лично – не знаеш каква е магијата во оваа сала. Многу е лесно да се игра тука со ваква поддршка.  Не требаше да бидеме во таква позиција на крајот од средбата. Многу е важно да победуваме во натпреварите кои се клучни за нас во групата. Знаеме дека ова не е нашето најдобро ниво, можеме многу да напредуваме и фокусирани сме на тоа. Вечерва уживаме, ама веќе од утре се фокусираме на дуелот во Париз.

Битола синоќа на трибини го имаше и најмалиот гледач на трибините. Тоа беше малиот битолчанец, Калин, кој има само пет месеци, а сигурно ќе биде запишан во историјата на битолскиот спорт и навивање како најмлад навивач, не само во Битола, туку можеби и во историјата на ЕХФ. Калин го донесе неговиот татко, Никола, кој не пропушта натпревар на Пелистер.-Кога љубовта кон клубот е посилна од се, месеците се само бројка. Најмладиот посетител на ЕХФ лига на шампиони во Битола. Калин од Битола на возраст од само 5 месеци. “Чкембар“ не се станува, “Чкембар“ се раѓа, вели Никола, кој го донесе Калин облечен во боите на Пелистер.И на крај заслужува да се спомене уште една прилика, која за прв пат се случува “на ракомет“. Македонскиот првак Еурофарм Пелистер беше димаќин на тимот на Загреб во првото коло, а на трибините се најде и легендарниот Лино Червар, како гостин на клубот и семејството Стерјеви.Претседателот на клубот Зоран Стерјев и потпретседателот Бојан Стерјев поминаа извесно време во срдечен разговор со легендата Червар, кој е во Македонија поради тоа што беше еден од панелистите на Регионалниот спортски самит “Скопје 2025“ кој се одржува за прв во Македонија.

Сашо Ристевски

Фото: Дамијана Ристевска

More from СпортMore posts in Спорт »