Press "Enter" to skip to content

Вечерва почнува 46. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола

Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ вечерва ќе го започне своето 46. издание.

Свеченото отворање е закажано во 20 часот во Центарот за култура –Битола, со проекција на филмот „Мајка“ на режисерката Теона Стругар- Митевска. Директор на фотографија е Виржини Сен-Мартан од Белгија. Сценографијата е на Вук Митевски, прв асистент на режија е Јане Ќортошев. Во главните улоги настапуваат светски познатите актерки Нуми Рапас и Силвија Хукс, заедно со Никола Ристановски, Лабина Митевска и други.

Идејата за филмот се развила пред повеќе од 10 години кога сестрите Теона и Лабина Митевски работеле на документарецот „Тереза и јас“,  поддржан од јавниот сервис. Оттогаш започнала соработката со писателот Гоце Смилевски, кој го потпишува сценариото за „Мајка“, заедно со Теона Митевска и Елма Татарагиќ.

„Мајка“ е филм инспириран од животот на Мајка Тереза, особено од нејзината внатрешна борба да ја оствари својата визија и хумана мисија.

Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Шведска, Данска и Босна и Херцеговина. Поддржан е од Агенцијата за филм на Македонија, Креативна Европа – МЕДИА (Creative Europe – MEDIA), Данскиот филмски институт, „Belgium Tax Shelter“, Белгиската национална и регионална филмска поддршка, Белгиската национална телевизија, Шведскиот филмски фонд, шведски регионални фондови и Филмскиот фонд од Сараево.

Во Битола веќе пристигнаа првите гости. Црвениот килим е поставен пред Центарот за култура во Битола. Градот го добива сјајот на филмскиот фестивал во чест на браќата Манаки и е подготвен  за вечерашното отворање.

More from ВестиMore posts in Вести »
More from КултураMore posts in Култура »