Тридневниот хакатон, што започна од вчера до 26 ноември 2025 г. се одржува во организација на УКЛО Битола како дел од КОЛОРС Алијансата, обединува знаење и партнерствата со цел младите, преку мултидисциплинарен пристап, да работат на актуелни општествени и еколошки предизвици и да креираат идеи за нивно решавање.
– Денес, како втор ден од хакатонот што се реализира на Факултетот за информатички и комуникациски технологии во Битола, во рамките на проектот УКЛО КОЛОРС, имаме активности кои се поврзани не само со тимската работа, каде тимовите ги развиваат своите идеи, туку и со неколку сесии кои се наречени, пленарни сесии, на кои учесниците добиваат дополнителни информации за тоа што значи да се формира стартап. Денес имавме сесија на која присуствуваа претставници од еден успешен стартап – “Се за храна МК”, широко познат во нашата држава. Тоа беа магистер Марија Кочовска и магистер Катерина Спасеновска, како коосновачина овој стартап, кои им дадоа информации на студентите за тоа што значи една идеја да се роди и да прерасне во реален бизнис, изјави професорката Мимоза Богданоска Јовановска и додаде:
–Дополнително, во текот на денот се емитуваше и видео од една емисија реализирана на ТЕЛМА, во која беше прикажана стартап-одијата од страна на Марио Милатовиќ, како коосновач, заедно со Ана Секуловска. Тие зборуваа за тоа кои се следните чекори што една идеја ја претвораат во реален бизнис. Цикло-методологијата и логиката на изработка на презентациите беа претставени од професорката Рената Петревска-Нечовска. На тој начин им се даваат насоки на учесниците како да ги изработат своите презентации, кои во текот на третиот ден ќе треба да ги презентираат. Во делот што претставува малку забава или нешто поопуштено од техничката страна на изработката на идеите, беше присуството на Оливера Велкович – една од познатите тренерки на јога во Битола. Таа им покажа на студентите и учениците како можат да применуваат различни техники на вежбање во седечка, стоечка или работна положба, за да се чувствуваат подобро во текот на денот. 
Што велат учесниците:
-Како член на организацискиот тим, сакам да истакнам дека нашиот хакатон е поинаков од класичните затоа што навистина бараме интердисциплина. Наместо тимови составени од студенти со една иста позадина, кај нас се комбинираат различни профили – од економија, технологија, природни науки, па сè до општествени и еколошки области. Веруваме дека само преку вакво мешање на знаења може да се развијат иновативни решенија што ќе бидат навистина применливи во реалниот живот. Работиме по CIMO логика, што значи дека ги охрабруваме учесниците да гледаат подлабоко од класичниот бизнис модел и да создаваат идеи кои носат општествена вредност, одржливост и долгорочно влијание. Фокусот не е профитот, туку корисноста и можноста решенијата да придонесат во повеќе области – од екологија и технологија, до медицина и социоекономски развој. Целта ни е идеите на учесниците да имаат што поголема шанса да бидат прифатени и имплементирани во пракса ни кажа Валентин Стојановски студент на ФИКТ Битола и дел од организацијата на хакатонот.
Хакатонот започна во CoSpace OFFICE на УКЛО КОЛОРС сместен во Студентскиот Информативен Центар и продолжува со реализација на Факултетот за информатички и комуникациски технологии – Битола.
Текст и фото: Дамијана Ристевска






