Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола на 17 декември 2025 година ќе ја организира Годишната меѓународна студентска конференција, која оваа година повторно се одржува во интернационален формат благодарение на членството на УКЛО во Алијансата КОЛОРС. Универзитетот навремено упати покана до студентите од сите циклуси на студии – од Македонија и од странство – да земат активно учество на настанот.
Меѓународниот карактер на конференцијата, овозможен преку европскатаакадемска соработка во рамки на Алијансата КОЛОРС, создава динамична и отворена академска средина за размена на знаења, иновативни идеи и студентски научни остварувања. Учесниците ќе имаат можност да ги презентираат своите трудови заедно со студенти од уште осум партнерски европски универзитети.
Апликациите беа отворени за истражувања од широк спектар научни дисциплини: технички науки, право, политички науки, безбедност, економија, образование, земјоделски науки, јавно здравје, екологија, ИКТ, како и други интердисциплинарни и мултидисциплинарни области.
Прифатените трудови ќе бидат објавени во посебен Зборник, а највисоко оценетите ќе добијат место во списанието за студентски истражувања „Нови хоризонти“. Новитет во рамките на ова издание е можноста студентите од втор и трет циклус да конкурираат за главни говорници или рецензенти – улоги што претставуваат значајна академска референца, јавно наведена во програмата и официјалните публикации на Конференцијата, како и во рамки на КОЛОРС Алијансата.






