Во галеријата „Ранко Струмениковски“ во Битола свечено беше отворена изложбата посветена на големиот македонски уметник Перо Спироски – Пипо (1928 – 1995), член на групата уметници познати како ВДИСТ, маркантен претставник на првата повоена генерација македонски современи сликари со академско образование.
За делата и творештвото на Перо Спироски – Пипо зборуваше д-р Драган Ристевски, галерист кој рече:
-Во текот на своето уметничко образование во Художествената школа во Скопје и потоа на студиите на Педагошката академија, сликарски оддел исто така во Скопје, Спироски се пројавува и истакнува со својот оригинален авторски стил. Особено е свој и впечатлив при скицирањето и цртањето обични секојдневни ликови, популарно именувани “ноќни актови”, но и во цртањето на модели од скулптури од познати историски личности. Како припадник на петчлената ликовна група ВДИСТ формирана дава свој значаен придонес и личен печат во сликарското творештво во Македонија и Југославија. Перо Спироски со својот нежен и суптилен пристап кон пејзажот, оној од нашево поднебје, пред се планината Баба со Пелистер, ширната и рамна Пелагонија со Драгор и притоките, со Шемница и Црна Река, ни остави еден монументален и исклучително богатат ликовен опус кој трајно ќе провејува низ нашите и идни животи облагородувајќи ги нашите домови, установите и институциите со возвишени чувства и со убавина.
Ретроспективната изложба на Перо Спироски – Пипо, во Галеријата и музеј “Ранко Струмениковски” во Битола, содржи стотина дела создавани во полвековно активно, плодно и континуирано сликарско творештво и е изложба од висок уметнички квалитет, изложба која што зрачи со својата суптилна убавина, која оригинален, авторски препознатлив, пред се по пристапот и начинот на “прифаќање“ на пределите и пејзажите, со колоритот и нијансираните слики и уметнички трансформации кои никого не оставаат рамнодушен.
Ќерката на Спороски, Билјана Стаматова, им се заблагодари на галеријата за можноста да бидат изложени делата, се обрати на присутните и рече:
-Перо Спироски беше силен човек, карпа, здрав, со силна појава која многу зрачеше со енергија секаде каде ќе се појавеше. Знаеше да биде многу строг, беше многу прецизен, се залагаше за дисциплина, за правдина, не само како педагог кон учениците, туку и кон сите, наблиските и сите околу него, ние, внуците… а сите имавме стравопочит. Неговиот збор беше последен. Иако таков срог, сепак имаше големо срце, беше човек кој сакаше и им помагаше на сите. Негова најголема љубов беше риболовот и таму, покрај вода поминуваше најмногу време, а тоа му помогна да ги направи преубавите пејзажи, од кои дел се изложени тука.
Владо Ѓорески, ликовен критичар на отворањето на исложбата рече:
-Перо Спироски создава антологиски дела со кои ги обележува педесеттите години на минатиот век, во еден современ ликовен јазик, кои по својот израз и зрелост во толкувањето и разработката на мотивите, со ништо не заостанува со тогашните главни и истакнати ликовни белези во меѓународното творечко ликовно милје. Неговото „пејзажно“ сликарство е своевидна аскетска оддаденост која во пустината на урбаниот живот говори за симфонијата на сите расцутени, разлистени, развиорени преобразби на вистинското постоење низ небото, водата, сонцето, како интонација на своевидна величенственост недопрена, невина и чиста антиматериска есенција на суштината на постоењето. Перо Спироски е сликар чие творештво се движи низ непознатите лебдечки патеки на бескрајот… 
Д-р Тања Струмениковска – Ристевска, за личарот на своето време, Спировски, ќе рече:
-Спироски како исклучителен сликар не води по уметничкиот пат, преку нерамниот макадам до височините на небесниот свод , до раскошните широчини на рамната Пелагонија со длабочините на водите на реките. На тој начин, со прецизниот потег на четката ги гали сите наши сетила. Колоритот на Спироски е во функција и е носител на неговата емоционална смиреност и зрелост. Преку делата, Спироски ни дозволува и воедно не поканува со раширени раце да влеземе во светогледот и интимата на нашиот Пипо, онаму каде тишината најгласно зборува, а материјалното оживува. Духовноста, зрелоста и пластичноста е токму тука , пред нас, таа сведочи за едно време, простор и за личности. Таа претставува приказна која што се прераскажува и опстојува низ времето.
Спировски е роден e во Битола во 1928 година. Завршил Виша педагошка академија, Ликовна насока во Скопје. Член на ДЛУМ од 1952 Спироски. Изложува од 1952 година. Остварил бројни самостојни и групни изложби. Излагал низ речиси сите ликовни центри во Македонијакако и во Белград, Србија, Загреб, Хрватска, Љубљана и Марибор Словенија, Ферара Италија. Учествувал на ликовната колонија во Почитељ, Босна и Херцеговина.
Неговите дела се вклучени на изложбите на македонското современо сликарство како и во македонската селекција за 3. триенале на југословенската уметност во Белград во 1967 год. Починал, 1995, Битола.
Текст и фото: Сашо Ристевски











