-Повеќе од две децении активно е дел од Црвениот крст – како волонтер, претседател на Општинската организација на Црвен крст Битола во повеќе мандати и досегашен потпретседател на Црвениот крст на Македонија. Со долгогодишно искуство во хуманитарниот сектор и професионална кариера како доктор по стоматологија со 28-годишна приватна пракса, Лилјана Ристевска сега го прави следниот чекор – ја најавува својата кандидатура за претседател на националното друштво на Црвениот крст.
Во интервју за нашиот портал, Ристевска зборува за мотивите зад кандидатурата, визијата за идниот развој на организацијата, предизвиците со кои се соочува Црвениот крст и приоритетите доколку ја добие довербата да ја предводи најголемата хуманитарна организација во земјата.

Што ве мотивираше да се кандидирате за претседател на Црвениот крст на Република Северна Македонија?
-Речиси две децении сум дел од Црвениот крст и низ годините имав можност да работам на различни нивоа – од волонтер до претседател на Општинската организација на Црвен крст Битола и потпретседател на националното друштво. За мене оваа кандидатура претставува продолжение на таа посветеност и желба да придонесам организацијата да стане уште посилна, помодерна и поблиска до луѓето.
Кои ќе бидат вашите приоритети доколку ја добиете довербата?
-Верувам дека најголемата сила на Црвениот крст се луѓето. Затоа мој приоритет ќе биде јакнењето на членството и волонтерството. Сакам да привлечеме нови генерации преку современи програми и активности кои ќе одговорат на денешниот начин на живот. Секој што има желба да помогне треба да може да го најде своето место во организацијата.

Како ја гледате улогата на локалните организации?
-Локалните организации се срцето на Црвениот крст. Ќе се залагам тие да бидат уште посилни, поблиски до граѓаните и поподготвени да одговорат на потребите на своите заедници. Само силни локални организации можат да изградат силно национално друштво.
Каква треба да биде соработката со институциите?
-Црвениот крст треба да биде влијателен и кредибилен партнер на институциите. Нашата улога не е само да реагираме кога има потреба, туку активно да учествуваме во креирањето решенија за предизвиците со кои се соочуваат ранливите категории граѓани.

Што значи модернизација на организацијата?
-Тоа значи воведување нови и одржливи услуги, користење иновации и современи пристапи во работата. Само така ќе можеме да помогнеме на повеќе луѓе и да изградиме поотпорни заедници. Истовремено, ќе продолжиме да ја развиваме организацијата врз принципите на доверба, транспарентност, добро управување и силни партнерства, како во земјата така и во рамките на меѓународното движење.
Која е вашата порака до членовите и волонтерите?
-Верувам дека успехот не се мери преку поединецот, туку преку силата на организацијата и влијанието што го создава за луѓето. Затоа ги повикувам сите членови, волонтери и поддржувачи заедно да изградиме помодерен и посилен Црвен крст – организација подготвена да одговори на предизвиците на денешницата и потребите на идните генерации.






