-Илинден во Лазарополе не е само празник. Тој е чувство што се носи во срцето, спомен што се пренесува од генерација на генерација и миг во кој селото повторно оживува, а таму најгоре се Лозоровци од Скопје, Битола, Загреб, Тетово…
-Во моментот кога диво ќе писнат зурлите, а тапаните на Мајовци, кои ја испочитуваа заветот на нивните предци на Илинден да бидат таму најгоре, ќе одекнат низ мијачките планини, како времето да застанува.
-Во очите на присутните се читаат солзи, гордост и неизмерна љубов кон родниот крај.

Лазарополе и оваа година го дочека Илинден со достоинство, традиција и силни емоции. Звуците на зурлите и тапаните ги разбудија старите спомени, ги собраа генерациите кои живеат во Скопје, Битола, Тетово, Загреб, Охрид…, и уште еднаш потврдија дека македонскиот дух најсилно живее токму во ваквите моменти.
„Лозоровци“ и овој пат беа домаќини какви што доликува. Дворовите подготвени, домовите отворени, а гостопримството исто како некогаш. За сите што доаѓаат во селото, едно од омилените места за средба е хотелот „Калин“. Хотелот, терасата и ресторанот традиционално се исполнети со гости кои сакаат да се напијат кафе високо во планината, да уживаат во погледот и да пробаат некој од лозоровските специјалитети.
Гостите беа пречекани и во етно ресторанот „Т’га за југ“, каде домаќините со насмевка ги отворија вратите. Во амбиент исполнет со етно мијачки дух, со традиционална македонска кујна и песни, се славеше Илинден.
Додека уживате во преубавата храна, дополнета со пријатната и домаќинска услуга на сопствениците, ќе го гледата и уживате во преубавата панорама на Лазарополе и преубавиот залес на сонцето зад планините.
Но, вистинската емоција доаѓа во превечерието на празникот. На 1 август, во доцните попладневни часови, сред село се собираат сите. Се очекуваат коњаниците, Мајовци со зурли и тапани, а Лазарополе повторно станува сцена на традицијата.
Како што е редот, први заигруваат најдобрите играорци и најстарите жители. Со гордост се изведува традиционалното мијачко оро „Тешкото“, со качување на тапан – симбол на истрајноста, силата и духот на овој крај. Звукот на тапаните и зурлите се разлева низ селото, буди спомени, измамува солзи и ги обединува сите присутни. Со аплаузи, оро и радост, Лазарополе ги пречекува оние што се враќаат дома.

И овој Илинден, Лазаровци пристигнаа од сите страни – од Скопје, Тетово, Битола, Охрид, Загреб, Шведска и од многу други места низ светото. Се вратија на своите огништа, а со себе донесоа и пријатели на кои сакаат да им ја покажат оваа „Божја хубавина“ и да ја почувствуваат магијата на Илинден во Лазарополе.
Љупчо Перински: доаѓањето во Лазарополе не е обврска, ова е повик на корените
Со многу емоции за своето потекло и љубовта кон Лазарополе зборува Љупчо Перински.
-Живеам во Тетово, но потеклото ми е од Лазарополе, Секое мое доаѓање тука е враќање дома. Никогаш не сум се запрашал дали ќе дојдам за Илинден. Тоа не е обврска, туку чувство. Тоа е повик на корените. Секоја година е нова приказна, но чувствата се исти. Чувства од спомените кога баба ми и дедо ми со радост ме пречекуваа на прагот. Тие моменти останаа длабоко врежани во мене и секогаш ме враќаат овде. Со истите емоции доаѓаме сите од нашата лоза. Многу личности кои оставиле белег во Лазарополе потекнуваат од семејната лоза Перински. Мојот дедо, Танче Атанас Перински, бил познатиот кондураџија во Лазарополе и горд сум што го носам тоа наследство. Јас секој слободен миг го користам да дојдам овде. Не само за Илинден. Имам чувство дека би тргнал и пешки, само да стигнам во тука најгоре во Лазарополе.
-Особено ме радува што денес гледам многу млади луѓе и деца кои играат на оро и со емоции ги слушаат зурлите и тапаните на Мајовци. Тоа значи дека селото има иднина. Баш денес разговарав со Мајовци кои ми кажаа дека од своите предци го наследиле аманетот – Кај и да се, за Илинден мора да бидат во Лазарополе. Таквиот аманет треба да продолжи да се пренесува. На младите би им порачал да не ја гледаат само убавината на Лазарополе, туку да ја запознаат и неговата историја. Да прочитаат за своите предци, за својата лоза, за тоа кои се и од каде потекнуваат. Кога ќе ги запознаат своите корени, тогаш и орото, и песната, и Илинден ќе ги доживуваат со сосема поинакви емоции, додава Перински кој живее и работи во Тетово.
На прашањето како се подготвуваат за празникот, лозоровци велат: „Ги спремаме дворовите за големиот Илинден“! А за нашиот портал Русе Кардалевски, кажа:
-Многу убаво. Има народ, може малку помалку од порано, ама ги има. Како и секоја година, со гости чекање. Дворовите ги спремаме, домовите ги подготвуваме, доаѓаат најблиските, еè да биде како што треба за големиот Илинден. Ни доаѓаат најблиските, фамилијата и пријателите, па сите заедно го славиме празникот, кој не ја испушти приликата да каже и неколку анегдоти за бричењето на Кипро Дракул кој бил “прв“ мајстор за кошиња правење на куќи, со многу сапуница, за кафето со сто војници и еден официр – сто зрна наут и едно зрно кафе, за кое Дракул за вкусот велел – ѓоа пиеш саѓи.
Оставивме уште нераскажани анегдоти со Русе, онака како што тоа до лани го правевме заедно со сега покојниот Душко од Дракулевци, кој на сите ни недостига, кои беа живи сведоци на лозоровската приказна.
Лозоровци за Илинден доаѓаат во куќите на предците, а еден од нив е Орце Ламбевски, кој секоја година од Загреб доаѓа во Лазарополе.
-Веќе 35 години сум отсутен од тука, но потекнувам од Лазарополе и секогаш кога ќе дојдам се чувствувам како дома. Гледам дека многу се гради, никнуваат нови куќи на старите огништа, што навистина радува. Особено ми е драго што гледам многу бебиња и мали дечиња. Тоа ми дава надеж дека селото ќе продолжи да живее. Дојдов и поради татко ми Павле Ламбевски, кој има 90 години и е еден од најстарите жители на Лазарополе. Тој преку летото престојува тука, а инаку живее во Скопје, ни рече Орце.

Црквата Свети Ѓорѓи – чувар на историјата
Над селото се издига црквата „Св. Ѓорѓи“, место каде почиваат коските на Ѓурчин Кокале, а пред повеќе од 150 години тука иконостасот го изработувал големиот Дичо Зографски. Лазарополе изнедрило големи црковни великани, општествени дејци, просветители и уметници. На гробот на Ѓурчин Кокале во „Св. Ѓорѓи“ не случајно стои запишано:
„Кољку сме повеќе, тољку сме посилни.“

Бројноста на верниците во храмот и овој Илинден потсети на старите времиња кога селото живеело со полн сјај и го оправдуваат она што е напишано на камената плоча.
А и овој Илинден Лазарополе покажа дека неговите луѓе се сè уште многу и дека силата е во заедништвото. На 2 август, Илинден, традиционално како и секоја година, Епископот Антаниски г. Партениј ја отслужи Божествената Евхаристија. По службата беше пресечен и поделен празничниот комат за здравје, а молитвите од храмот беа упатени за мир, здравје и подобро утре.
Со стихови на големиот поет и лозоровец Анте Поповски кои и денес живеат во колективната меморија на печалбарите од Лазарополе ќе ја завршиме оваа емотивна приказна за одбележувањето на Илинден во Лазарополе.
„Уште малку и ќе си се вратам дома..
Оној што умрел на постелата на која се родил
– исто како да не умрел.
Уште малку и ќе си се вратам дома… .“
Зурлите и тапаните уште долго ќе одѕвонуваат во срцата на „лозоровци“. Со тие звуци ќе живеат до следниот Илинден, кој, како што велат самите, започнуваат да го очекуваат уште од денес.
Нека е вечен Илинден! Нека се вечни традицијата, песната и љубовта кон родниот крај.
Жанета Ристевска
Фото: Сашо Ристевски






