Битола доживеа музичка вечер која долго ќе остане запаметена. Стадионот под Тумбе кафе беше исполнет со повеќе од 15. 000 посетители, кои дојдоа од сите краишта на Македонија, но и од Србија, и други земји од регионот, за да бидат дел од концертот на Здравко Чолиќ – уметник чии песни повеќе од пет децении ги обединуваат генерациите.
Во организација на Општина Битола и „Авалон продукција“, градот уште неколку часа пред почетокот на концертот живееше во знакот на големиот музички настан. Централните улици, плоштадот и угостителските објекти беа исполнети со посетители, а атмосферата јасно покажуваше дека Битола знае да биде домаќин на настани од регионално значење.
-Ве поздравувам сите. Ви го честитам Илинден. Голема влагодарност до организаторите “Авалон продукција“ и градоначалникот на Битола – Тони Коњановски. Битола била и останува културен град, рече Чолиќ на почетокот на концертот.
Карактеристични беа обожавателки од Крагуевац, кои специјално допатуваа во Битола за концертот.
Облечени во маици со ликот на својот омилен пејач, потврдувајќи дека љубовта кон Чолиќ одамна ги надминала државните граници.
Речиси два и пол часа Чолиќ не дозволи енергијата да стивне. Публиката во еден глас ги пееше : „Мерак ми је“, „Ружице моја Рушка“, „Хотел Балкан рано ујутру“, „Ти си ми у крви“, „Пусти, пусти моду“, „Мало појачај радио“, „Моја драга“… и многу други безвременски хитови.
Од првиот до последниот тон, концертот се претвори во вистинска прослава на музиката, во која илјадници луѓе дишеа и пееја како едно.
Концертот имаше и силен битолски белег. На сцената, како дел од оркестарот на Здравко Чолиќ, настапи битолчанецот Драган Ристевски, денес член на Оркестарот на Радио-телевизија Србија. Ристевски, кој својата музичка приказна ја започна токму во Битола и беше дел од легендарната група „Боеми“.
Тој со својот саксофон го придружуваше Здравко Чолиќ на неколку песни и предизвика искрени емоции кај домашната публика.
Овој концерт кај многу повозрасни битолчани ги разбуди спомените од првата средба на Здравко Чолиќ со градот. Тоа било во 1974 година, веднаш по триумфот со песната „Гори ватра“, со која ја претставуваше тогашна СФР Југославија на Изборот за песна на Евровизија. Во екот на својата вртоглава популарност, Чолиќ одржа концерт во кино „Трудбеник“, а интересот бил толку голем што со години подоцна сè уште се прераскажува една битолска анегдота.

Според сеќавањата на постарите битолчани, полицаецот познат „Трајко Џандаро“, гледајќи многу луѓе и интересот кој го предизвикал ( особено на женската публика) пред киното, наводно низ смеа изјавил: „Толку многу луѓе немаше ниту кога дојде другарот Тито.“
Дали навистина ги изговорил токму тие зборови или приказната со текот на времето добила малку битолски шмек и хумор, денес е помалку важно. Анегдотата одамна стана дел од градските фори и најдобро сведочи за еуфоријата што Чолиќ ја предизвикуваше уште во седумдесеттите години – еуфорија која, судејќи според спектаклот под Тумбе кафе, не згаснала ниту по повеќе од пет децении.
По тој историски настап, Здравко Чолиќ уште неколкупати гостуваше во Битола, но концертот на стадионот под Тумбе кафе е неговиот најголем и највпечатлив досега.
Она што најсилно ја одбележа вечерта беше емоцијата. Во публиката имаше луѓе кои го следат Чолиќ уште од почетоците на неговата кариера, но и млади кои ги научиле неговите песни од своите родители. Токму затоа, концертот беше повеќе од музички настан – беше средба на генерации, спомени и емоции, потврда дека добрата музика не познава време.
Со овации, долги аплаузи и искрени емоции, Битола уште еднаш му покажа на Здравко Чолиќ колку е сакан. А тој возврати со концерт исполнет со енергија, врвна интерпретација и безвременски песни, потврдувајќи дека и по повеќе од педесет години на сцената останува една од најголемите музички ѕвезди на Балканот.
-Еден е! Всушност, само двајца артисти во светот пејат над 40 песни на концерт – Bruce Springsteen и Здравко Чолиќ! Најголемиот музички настан во историјата на Битола и регионот, со околу 20.000 посетители! Битола нема да застане овде. Затоа што Битола го заслужува тоа – во секој поглед! Се гледаме вечерва со Steve Aoki на истото место, заедно да ја започнеме прославата на 35 години независност на Македонија, во голем и светски стил!, напишаа од “Авалон продукција“.
Фото: Дамијана Ристевска
Текст: Ж. Ристевска











