Еурофарм Пелистер – Вибжеже Гдањск 34:27 (20:14)
Ракометарите на Еурофарм Пелистер во Битола го совладаа полскиот Вибжеже Гдањск со 34:27 и се најдоа во добра позиција во последното коло да се борат за место во елиминациите од Лигата на Европа. Пелистер го одигра можеби најдобриот натпревар сезонава и од првата до последната минута имаше контрола против непоразениот полски претставник, а тоа му донесе големи два бода кои „злато“ вредат во трката за првите две позиции на табелата во групата “Г“.
Полскиот состав победи на претходните две гостувања во Гумерсбах и Логроњо, но немаше сили против расположените пелистерци и особено пред битолската публика, која уште еднаш покажа дека во „Боро Чурлевски“ има пеколна атмосфера.
Се играше гол за гол на стартот до 4:4, пред “пелистерци“ по одбраните на Никола Митревски да се одлепат на плус три 7:4, па стратегот на Гдањск, Патрик Ромбел мораше да бара тајм-аут. Неговите момци дадоа два брзи гола преку Томчак и Чаплински за 7:6. Кузмановски реализираше пенал, потоа од контра стелаше и Хенигман за 9:6, а беше и 13:10. Гдањск успеа одново да се врати на минус еден, 14:13, дури имаше и напад за реми, но Беџиковски не беше прецизе, па Еурофарм Пелистер отиде пак на плус три, 16:13.
Гостите попуштија со концентрацијата во финишот, тоа го казнија битолчани, па веќе беше 19:14. Се надоврза и голманот Хеидарирад со одбрана на зицер, а по тајм-аутот на Червар во последните секунди погоди Павле Атанасијевиќ за највисоки плус шест гола предност. Пелистер на полувреме замина со убедливо водство од шест гола разлика (20:14).
На стартот на вториот дел Гдањск успеа да стопи дел од негативата, но Червар веднаш повика тајм-аут да ги смири неговаите избраниците, кои набрзина преку Пешевски отидоа на безбедни плус седум, 25:18. Гостите немаа многу решенија за домашната одбрана, правеа технички грешки во серија, а тоа го казнуваа пелистерци за плус осум, 29:21.
Но, и тогаш Гдањск не се откажа, па со серија од четири гола се доближи на четири гола негатива, 29-25 на влезот на последните десетина минути. Тоа беше знак за Червар да повика минута одмор, по која Еурофарм Пелистер ги консолидира редовите, Кузмановски погоди на двапати и веќе немаше назад за Гдањск, кој од Битола си замина со пораз.
Најефикасен кај Пелистер беше Кузмановски со осум гола, пет имаше Петар Атанасијевиќ, а Видомски, Пешевски и Хагбарт завршија со по четири погодоци.
На табелата сега Гдањск има шест бода, Еурофарм Пелистер има пет, додека Гумерсбах има четири, а Ла Риоха три, со таа разлика што германскиот и шпанскиот тим допрва ќе го одиграа нивниот меч.
Фото: Сашо Ристевски
Линк за фотогалерија: https://www.facebook.com/photo/?fbid=1792781945893957&set=pcb.1792783082560510










