Press "Enter" to skip to content

„Мозаик“ од музички стилови и емоции: Младиот диригент Горјан Стојановски ја воодушеви битолската публика

Младиот диригент Горјан Стојановски, заедно со Камерниот оркестар на Битола, во петокот, 27 ноември, пред бројна публика во КИЦ „Офицерски дом“ приреди концертна вечер насловена „ Мозаик“ – исполнета со музички стилови, емоции и уметничка енергија.За Горјан Стојановски оваа вечер имаше и посебно професионално и емотивно значење. Тоа беше негова втора соработка со Камерниот оркестар на Битола, но и прв концерт по официјалното започнување на студиите по оркестарско диригирање на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. м-р Борјан Цанев.

Концертната вечер понуди вистинско музичко патување низ различни стилски епохи и композиторски изрази, обединувајќи дела од Волфганг Амадеус Моцарт, македонскиот композитор Томислав Зографски, чешкиот композитор Леош Јаначек и унгарскиот композитор Бела Барток.

Програмата започна со една од најпознатите композиции на Моцарт – „Мала ноќна музика“, продолжи со нео-барокната свита за гудачки оркестар од Томислав Зографски, а посебно место имаше и Свитата за гудачки оркестар од Леош Јаначек. Завршницата им припадна на впечатливите „Романски танци“ од Бела Барток.

Долгиот и бурен аплауз на публиката беше најубавата потврда за успешно реализираната концертна вечер, како и за посветеноста и темелната работа на диригентот и оркестарот во подготовката на програмата. 

Горјан Стојановски: „Секогаш е задоволство кога се настапува дома, во Битола“

По концертот, Горјан не го криеше задоволството од повторната соработка со битолските музичари и топлиот прием од домашната публика. – „Навистина ми е многу мило што по вторпат имав можност да соработувам со моите пријатели од Камерниот оркестар на Битола.  Секогаш е задоволство кога се настапува дома, во Битола, пред публика која добро знае да оцени. Овој концерт ми е од особено значење како прв концерт откако годинава ги започнав своите официјални студии по оркестарско диригирање во класата на проф. м-р Борјан Цанев на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде што неодамна ги завршив и студиите по пијано кај проф. д-р Елена Атанасовска – Ивановска. Ваквите можности за концерти на млади диригенти како мене, на почетокот на својата диригентска кариера, се од огромна важност и искрено сум благодарен на оркестарот за нивната поддршка. Програмата што ја избрав за овој концерт ѝ овозможи на публиката да чуе еден музички „мозаик“ на стилови и правци. Започнавме со можеби една од најпознатите серенади на Моцарт – „Мала ноќна музика“, пишувана во неговата најголема композиторска зрелост и карактеристична по економичниот, но многу ефектен музички јазик. Следното дело беше нео-барокната свита за гудачки оркестар на нашиот македонски композитор Томислав Зографски, кој на интересен и невообичаен начин ги доловува барокните танцови форми карактеристични за една таква свита.Едно од централните дела на концертот беше свитата за гудачки оркестар на чешкиот композитор Леош Јаначек. Интересно е што Јаначек ја пишува на 23-годишна возраст, колку што имам и јас. За разлика од неговиот подоцнежен музички израз, оваа свита е поблиска до романтичарскиот стил, испреплетена со типични чешки мотиви во кои се чувствува влијанието на Дворжак и чешката национална школа.Како завршница на концертот ги изведовме ефектните „Романски танци“ на унгарскиот композитор Бела Барток, претставник на можеби еден од најинтересните стилови во класичната музика, барем за мене – неофолклоризмот.Публиката нѐ награди со долг и бурен аплауз, кој беше резултат на нашата добра и темелна работа во деновите што му претходеа на концертот.“

 Концертот „Мозаик“ во Битола беше уште една убава потврда дека домашната сцена има млади уметници со потенцијал, знаење и визија, на кои вреди да им се даде простор. А за Горјан Стојановски, настапот пред битолската публика беше повеќе од концерт – беше враќање дома, средба со својата публика и значаен чекор на неговиот диригентски пат.Горјан Стојановски – млад уметник со јасна музичка визија

Горјан Стојановски е роден во 2003 година во Битола. Тој е пијанист и диригент чија рана музичка инспирација се обликува под влијание на богатата културна средина на родниот град.Основното музичко образование го започнува во Државното музичко училиште во Битола, во класата на проф. д-р Татјана Божиновска. Образованието го продолжува во Скопје, во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, каде што студира со м-р Дино Имери и м-р Катерина Ќетковиќ-Фиданова.

Во текот на своето образование освојува бројни национални и меѓународни признанија. Меѓу нив се издвојуваат Третата награда на „Даворин Јенко Competition“ во Белград (2020), Втората награда на Шопеновиот натпревар во Малезија (2020), Првата награда и специјалната награда за најдобра интерпретација на дело од Лудвиг ван Бетовен на натпреварот „Полихимнија“, Гран-при наградата во Идрија, Словенија (2021), како и Првата награда на националниот натпревар на ЗДНМБУ „Хармонија“ (2021).

Своите пијанистички вештини ги надградува преку мастер-класови со истакнати пијанисти и педагози, меѓу кои Рубен Далибалтајан, Јулија Губајдулина, Дарко Костовски и Симон Трпчески.

Паралелно со пијанистичката кариера, Стојановски го развива и својот интерес за диригирањето. Учествува на мастер-класови со маестро Тимоти Редмонд и проф. Урош Лајовиц, а има можност да диригира и со Симфонискиот оркестар на Пловдивската опера. Во 2024 година работи со оркестарот на FAMES Institute во Скопје, во рамките на мастер-клас по диригирање.

Во јули 2024 година настапува на меѓународниот фестивал „Concerti del Tempietto“ во Рим со солистички рецитал, а во 2025 година диригира со Камерниот оркестар на Битола.

Во 2026 година дипломира пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. д-р Елена Атанасова Ивановска. Истата година настапува со пијанистката Анчела Нелоска во Рим, повторно во рамките на фестивалот „Concerti del Tempietto“, а од октомври 2026 година ги започнува официјалните студии по оркестарско диригирање во класата на проф. м-р Борјан Цанев.

Неговиот досегашен уметнички пат, исполнет со награди, настапи, соработки и континуирано усовршување, е потврда за амбицијата и посветеноста на млад музичар кој чекори кон нови професионални предизвици.

Линк за фотогалерија:  https://www.facebook.com/photo/?fbid=1798394805332671&set=pcb.1798395481999270&locale=mk_MK

More from КултураMore posts in Култура »